Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Најчесто заболување на синусите е с и н у з и т и с. Бидејќи скоро секогаш воспалението на синусите е поврзано со истовремено воспаление и на носот, често се нарекува уште и р и н о с и н у з и т и с. Се работи за воспаление на слузницата (обвивката) на синусите и носот. Што всушност се случува?
- Воспалението значи отекување на лигавицата, што е проследено со пообилна секреција.
- Отекувањето на лигавицата предизвикува стеснување и блокирање на малите отвори со кои синусите се отворени кон носот.
- Секретот во синусот станува уште погуст. Отежнато се дренира поради густината и стеснетите отвори и останува во синусот. Ова доведува до уште поизразена инфекција и потенцирање на воспалението.
Во голем дел од случаите риносинузитисот е предизвикан од вируси. Следни чести причинители се бактериите. Воспаление на синусите предизвикуваат и габите (мувлите) во воздухот како и алергиските реакции на носната лигавица. Тогаш зборуваме за алергиски и фунгален синузитис. Фактори кои често придонесуваат да дојде до воспаление на синусите се деформитети на носната преграда, присуство на носни полипи и тесни синусни отвори. Но постојат и надворешни фактори како што се пушењето, т.е чадот од цигарите, загадениот воздух, хемиски иританси.
Кои се симптомите на воспалените синуси?
Карактеристични и најчести симптоми на риносинузитис се:
- затнат нос,
- густ секрет во носот,
- главоболка и чувство на притисок и болка во лицето, челото или горните заби,
- ослабен мирис,
- кашлица,
- понекогаш и покачена температура
Но, не секогаш се јавуваат сите наведени симптоми. Симптомите ќе зависат од тежината на инфекцијата, т.е. воспалението, од предизвикувачот и од тоа колку долго трае воспалението. Според времетраењето на воспалението разликуваме форми на синузитис:
- акутен синузитис – кој е најчест. Трае од 10 дена па може и до 4 недели
- субакутен синузитис- кога воспалението трае од 4 до 12 недели
- хроничен синузитис – кога симптомите се присутни подолго од 12 недели, поради што е некогаш е потребен поинвазивен третман
Како се лекуваат воспалените синуси?
Понекогаш полесните акутни форми, кога симптомите не се многу изразени, можат спонтано да се излекуваат. Најчесто се користи симптоматска терапија, тнр ОТЦ препарати, со која се олеснуваат симптомите. За да се одзатне носот и да се ослесни чувството на притисок во лицето и носот се практикува назална иригација, т.е. често перење на носот со солен раствор. Ставање на топли облоги или солукс ламба (инфрацрвена) го олеснуваат чувството на затнатост. Сличен ефект постигнува и инхалирање на водена пареа од камилица во кој може да се капнат неколку капки од есенцијални масла од ментол или еукаплиптус. Таквите масла н е т р е б а да се капат директно на лигавицата или да се голтаат.
Доколку се работи за поизразени симптоми на синузитис тогаш треба да се посети лекар.
Се даваат а н т и б и о т и ц и. Третманот со антибиотик зависи од времетраењето на симптомите. Во нос се користат д е к о н г е с т и в н и спрејови или капки, но никогаш предолго (не повеќе од една недела) доколку лекарот не препорача. Со нив се намалува отокот на лигавицата и се се постигнува полесна дренажа на синусите. Понекогаш, за иста цел, се дават и н а з а л н и к о р т и к о с т е р о и д и, доколку воспалението трае подолго. Ако има алергиска реакција се вклучуваат и а н т и х и с т а м и н и ц и. Прскањето на с о л е н р а с т в о р и честото перење на носот се препорачуваат. Значително го скратуваат времето на лекување.
Доколку синузитисот не се излечи и премине во хронична форма, со постојани симптоми, тогаш се препорачува хируршки третман. Главна оперативна техника е FESS, функционална ендоскопска хирургија на синуси, која дава прилично задоволувачки резултати.