Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Евстахиевата труба е мал канал кој ги поврзува средното уво и ждрелото. Служи за изедначување на притисокот во увото и дренирање на секретот што го создава лигавицата која го обложува средното уво, тоа е просторот зад тапанчето. Евстахиевата труба е обично затворена, освен при џвакање, голтање и прозевање, кога се отовора. Се работи за мал канал кој е изграден од рскавица, мускули и коска.
Лесно може да се затне. Затната евстахиева туба предизвикува болка, чувство на затнатост и полност во увото, чувство како нешто да е заглавено во уво. Тоа пореметување се вика дисфункција на евстахиевата труба.
Дисфункцијата на евстахиевата труба е честа појава. Најчесто ја чувствуваме при промена на надморска висина, на пр. летање со авион. Може да се појави при секое затнување на носот. Посебно е честа кај малите деца. Симптомите се почести кај децата поради анатомската градба на трубата. Кај децата таа е пократка, поширока и скоро хоризонтално поставена.
Причините за воспаление на евстахиевата труба можат да бидат: бактериска или вирусна инфекција, алергија, воспаление на лигавицата поради пушење, воспаление на синусите.
Симптомите на воспаление на евстахиевата труба се: затнатост во увото и ослабен слух, поднослива болка, чувство на чешкање, некогаш шум или зуење, потпукнување во увото.
Колку ќе траат симптомите зависи од причината. Ако се работи за болест тие ќе бидат подолготрајни, ако се работи за промена на надморската висина (качување на планина, летање со авион) ќе бидат пократки.
Дијагнозата ја поставува оториноларинголог со отоскопски преглед и посебен тест – т и м п а н о м е т р и ј а со кој се дијагностицира состојбата на средното уво и евстахиевата труба.
Лекувањето на промените на евстахиевата труба зависи од од причината за неговото настанување. Се користат деконгестивни капки или спрејови за нос, назални стероиди, по потреба антибиотици или антихистаминска терапија.