Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Здрава, врамнотежена храна помога луѓето да се справат со симптомите на дијабетес и да го намалат ризикот од компликации.
Јаглехидратите имаат најголемо влијание на шеќерот, глукозата, во крвта. Иста количина на јаглехидрати во секој оброк помага да се одржи стабилно нивото на шеќер во крвта.
Скробот и шеќерите се најголем проблем при дијабетес бидејќи телото ги разложува на гликоза.
Рафинираните јаглехидрати брзо се разградуваат и апсорбираат, телото брзо ги претвара во гликоза и шеќерот во крвта се зголемува. Засладената храна содржи шеќери и јаглехидрати кои имаат мала или никаква хранлива вредност и предизвикуваат нагли скокови на гликозата во крвта. Шеќерот допринесува за зголемување на тежината.
Готова, преработена, храна богата со шеќер: печива (крофни, кроасани, колачи, тесто за пица), сосови за салати, сокови, бонбони, засладени јогурти. Многу производи содржат додаден шеќер. Да се избере поцелосна и непреработена храна.
Јаглехидрати за јадење: овошје, зеленчук, цели зрна кои содржат витамини, минерали и влакна.
Цели житарки и влакна – јаглехидратите кои се апсорбираат, побавно се преработуваат и помала е веројатноста да предизвикаат скок на шеќерот во крвта. Целите зрна, житарки, содржат влакна кои се здрави јаглехидрати и не се распаѓаат на гликоза во телото: кафеав ориз, јачмен, киноа, овесна каша, просо, амарант.
Овошјето и зеленчукот содржат висококвалитетни јаглехидрати и влакна, како и јаткастите плодови и мешунките (грав, грашок, леќа). Порастот на нивото на шеќер во крвта е помалку сериозно отколку што би било по внес на благ десерт. Да се избере свежо, цело овошје; сиров, барен или печен зеленчук без скроб; замрзнат или конзервиран зеленчук со малку сол; конзервирано или замрзнато овошје без додаток на шеќер.
Протеините се составен дел на органите, мускулите, имунолошкиот систем.
Да се избегнува храна богата со протеини и со масти: преработено (сланина, виршли, сувомеснати) и пржено месо, ребра и други масни парчиња месо, живина со кожа, пржена риба.
Протеини за јадење: поздрави животински протеини, пилешко или мисиркино месо без кожа, говедско месо, риба богата со омега-3 (туна, харинга, лосос), јајца, млечни производи, растителни протеини (грав, леќа, јатки).
Млечните производи се извор на протеини, калциум и важни витамини. Лица со дијабетес може да консумираат млечни производи без додаден шеќер: јогурт, млеко, сирење, урда.
Мастите се извор на есенцијални масни киселини кои се составен дел на здравата исхрана. Помагаат телото да ги апсорбира витамините К,А, Д и Е.
Масти кои треба да се избегнуваат:
Заситени масти главно има во производи од животинско потекло и преработена храна: пица, лиснати печива, кремасти преливи, сладолед, пудинзи, мајонез, помфрит, чипс, хамбургер, пржена храна, готови оброци, повеќето брза храна.
Транс мастите се вештачки добиени и се понездрави од заситените, ги има во прецесираната храна.
Масти за јадење се моно- и поли-незаситените масти. Медитеранската исхрана е богата со овие масти кои имаат позитивен ефект врз метаболизмот на глукозата.
Мононезаситени масти има во многу здрави масла, јаткасти плодови и овошје: кикирики, путер и масло од кикирики, индиски ореви, бадеми, семки од тиква и сончоглед, маслинки, маслиново и сончогледово масло, авокадо.
Полинезаситени масти има во некои масла и јаткасти плодови: риба (туна, лосос, харинга, скуша), ореви, ленено семе, чиа.
Многу безалкохолни и алкохолни пијалоци и сокови содрат додадени шеќери. Да се ограничи консумацијата на пиво, десертни вина, пијалоци со овошје, коктели.