Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Добрата дигестија, варењето на храната, подразбира апсорпција на хранливи материи од храната која ја јадеме. Човечкото тело произведува дигестивни ензими, протеини кои се ослободуваат главно во панкреасот и тенкото црево, ги забрзуваат хемиските реакции, ја помагаат разградба на храната во хранливи компоненти кои лесно се апсорбираат и телото може да ги користи. Симптоми на слаба дигестија: киселини, подуеност, гасови, дијареа или констипација.
Со возраста настанува намалување на сите дигестивни секреции вклучувајќи ги и дигестивните ензими. Стресот може да ја намали продукцијата на дигестивните ензими.
Амилази – ги разложуваат сложените јаглехидратите, скробот во прости шеќери. Се произведуваат во плунковните жлезди, панкреасот и тенкото црево. Варењето на јаглехидратите започнува во устата со една амилаза, птијалин. Панкреатични ензими помагаат во цревата скробот целосно да се разгради до глукоза која влегува во крвотокот.
Протеази – ги разградуваат протеините во мали пептиди и аминокиселини. Се произведуваат во панкреас, желудник и тенко црево.
Липази – ги претвараат мастите (липиди) во масни киселини и глицерол. Се создаваат во панкреасот и тенкото црево.
Храна природно богата со ензими за варење:
Кефир – одличен пробиотик, ферментиран млечен пијалок добиен со додавање на култура на кефир во млеко. Содржи лактаза, липаза и протеаза со што се поддржува варењето на мастите, протеините и на шеќерите.
Банана – содржи амилаза, малтаза, глукозидаза важни за варење на јаглехидратите. Зрелите банани се поблаги од зелените затоа што со зреењето ензимите го разложуваат скробот во шеќери.
Мед – во сировиот мед има диастази (разградуваат јаглехидрати во малтоза), амилази, инвертази (разградуваат сукроза во глукоза и фруктоза), протеази. Високата температура ги уништува дигестивните ензими во преработениот мед.
Кисела зелка – ферментираните производи поддржуваат оптимално варење. Богата е со дигестивни ензими, се смета за пробиотска храна, содржи добри цревни бактерии. Најдобро е да се јаде непреработена, термичката обработка ги деактивира дигестивните ензими.
Ананас – содржи ензими бромелини, протеази кои ги разградуваат протеините.
Авокадо – содржи липази кои ги разградуваат мастите на масни киселини и глицерол кои телото полесно ги абсорбира. Содржи и други ензими – полифенол оксидаза кој е одговорен за менување на зеленото авокадо во кафено во присуство на кислород.
Киви – се препорачува за олеснување на варењето на храната. Богат извор на дигестивни ензими е, особено протеаза – актинидиан која помага да се преработат протеините. Месото подобро се преработува и побрзо се движи низ дигестивниот тракт. Помага за подуеност, за констипација.
Ѓумбир – содржи протеаза зингибаин која ги разгградува протеините. Помага побрзо храната да се движи низ стомакот предизвикувајќи контракции. Го поттикнува сопственото создавање на ензими во телото, амилази и липази.
Папаја – содржи различна група на протеази познати како папаин. Помага за олеснување на симптомите на синдром на иритабилно црево, констипација и надуеност. Треба да се јаде свежо, топлината ги уништува ензимите. Папајата е опасна за бремени затоа што може да стимулира контракции.
Манго – содржи амилази кои ги разгрдауваат сложените јаглехидрати во прости шеќери, глукоза и малтоза.