Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Херпес зостер е вирусна инфекција, резултат на реактивација на вирусот на варичела зостер и почесто се јавува кај постарата популација. Генерално се појавува како еднострано, ограничено црвенило на кожата.
Варичела зостер вирусот е неуротропен. Примарната инфекција со варичела зостер вирус предизвикува овчи сипаници (варичела), температура и исип, дисеминирани кожни промени, везикули на кожата и се јавува главно во детската возраст. Секој кој прележал овчи сипаници подоцна може да има херпес зостер.
По прележани овчи сипаници, вирусот останува латентен, неактивен во поедини нервни клетки (задните корени на ганглиите на периферните неврони, кранијлните и автономните нервни ганглии). Месеци и години подоцна реативацијата на вирусот се манифестира како херпес зостер.
Реактивација се јавува кога варичела зостер вирусот е способен да ја надвладее имунолошката контрола и да се рашири преку зафатените ганглиони и нерви, да стигне до кожата и да се манифестира како херпес зостер.
Ризик фактори за реактивација се постара возраст и имунокомпромитирана состојба (леукемија, лимфом, ХИВ,трансплантација, имуносупресивни лекови). Други ризик фактори се женски пол, психичка траума, стрес, дијабетес, претходен херпес зостер, прво колено роднини во фамилијата.
Класично, реактивацијата се презентира како еднострано црвенило на дел од кожата, не ја поминува вертикалната средна линија на телото со промени на зацрвенета кожа, меурчиња кои по 7-10 дена стануваат како красти и заздравуваат за 2-4 недели. Најчесто се јавува на телото, грбот, градите.
Првите симптоми над зафатениот дел од кожата се жарење, чешање, пецкање, осетливост на еден дел на кожата, на една страна од телото. Овие симптоми присутнии се еден до три дена пред да се јави цренило на кожата. Брзо, на црвенилото на кожата се создаваат групирани пликови кои траат две до три недели. Болката е изразена.
Присуството на силно осетливва кожа може да е клуч за дијагноза на херпес зосте. Во оваа почетна фаза може да има системски симптоми: треска, слабост, главоболка, температура, фотофобија.
Кај некои особи се јавува очна форма на херпес зостер, зафатена е офталмичката гранка на тригеминалниот нерв. Ако е зафатено окото можни се трајни оштетувања.
Најчеста компликација е посхерпетична невралгија која се манифестира со силна болка, вкочанетост, пецкање,жарење, чешање кои траат и по повлекување на кожните промени. Состојбата може да е многу непријатна и досадна.