Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Акутен фарингитис (pharyngitis acuta) е латински термин со кој се означува воспаление на грлото, поточно ждрелото. Ретко се јавува изолирано, самостојно. Најчесто е во склоп на воспаление на горните дишни патишта, т.е воспаление на носот и синусите, усната празнина и крајниците.
Причини
Најчести предизвикувачи се вируси, респираторни вируси, како аденовирус или риновируси. Често е предизвикано и од бактериски инфекции. Од бактериите најчести предизвикувачи се стрептококите, потоа пнеумококи и хемофилус, како и мораксела.
Фарингитисот може да биде предизвикан и од многу ладни или многу жешки пијалоци, а понекогаш и од локална траума на грлото. Најчесто се јавува во период на студено и влажно време, но за да се појави потребно е да е намалена отпорноста.
Клиничка слика
Лесната форма вклучува: сувост и гребење во грлото, потоа печење и поизразена болка. Поради тоа е отежнато голтањето. Често се зголемуваат локалните лимфни жлезди. Може да се манифестира и со покачена телесна температура.
Потешката форма на фарингитис се манифестира со висока температура и многу поизразена болка во грлото. Потенцирани се општите и локалните симптоми. Се јавува оток на мекото непце и ресичката, засилена секреција во грлото, црвенило на лицето.
Дијагноза
Дијагнозата се поставува врз основа на анамнеза и преглед на грлото. Ретко е потребен специјалистички преглед. Се гледа интензивно црвенило на ждрелото и околната лигавица на устата, отечена ресичка и меко непце. Понекогаш, во зависност од причинителот, можен е и осип на мекото непце, таканаречен енантем.
Лекување
Во најголем број од случаите доволна е симптоматска терапија. Се користат топли напитоци, чаеви, се зема аналгетик за да се смири болката во грлото, антипиретици за намалување на температурата, а се употребуваат и локални антисептици во облик на пастили за лижење или спрејови за уста. Кај потешките облици може да се даде и антибиотик.