Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Ушната маст е производ на масните, церуминозни жлезди кои се наоѓаат во кожата која го покрива надворешниот ушен канал. Најчесто е со жолта боја, но може да варира од сивкаст, кафен до темно кафен.
Пообилно се создава во надворешниот, рскавичен дела на ушниот канал. Ушната маст се состои од секрет од церуминозните и лојни жлезди и епител од кожата. Церуменот може да биде влажен или сув. Улогата му е чистење и подмачкување на надворешниот ушен канал, одбивање на водата и задржување на нечистотиите кои од воздухот навлегуваат во увото. Церуменот има антибактериско и антигабично својство. Бидејки има низок Ph создава кисела средина која ги убива бактериите и габичките.
Зошто доаѓа до зачепување на ушите со церумен?
Во нормални услови церуменот спонтано се елиминира со механизми на самочистење. Со пореметување на тие механизми доаѓа до насобирање на церуменот и формирање на масен чеп. Прекумерната количина на церумен може да се исуши и да создаде пречка во ушниот канал. Церуминозните чепови се создаваат како резултат на пообилна секреција на маста или послаба елиминација, како и поради механички пречки како тесен надворешен канал. Почесто се формира кај постарата популација. Постојат неколку причини како прекумерно лачење на церумен, стеснет или вродено тесен канал, инфекција на каналот, работа во загадена средина со прашина.
Но најчестата причина за формирање на масен чеп во увото е користење памучни стапчиња или други помагала за чистење на ушите. Со неправилна употреба на тие помагала, церуминозната маса се набива во длабочина, кон тапанчето, така што не може да се исфрли по природен пат. Тогаш се јавуваат симптоми. Пациентот има ослабен слух и чувство на притисок во ушите, шум (тинитус). Може да предизвика и надразнителна кашлица, а некогаш и вртоглавица. Чистењето со стапчиња може да предизвика и повреда на каналот, а често и повреда на тапанчето и инфекција, што се манифестира со болка.
Значи ушите не треба да се чистат со никакви помагала!
Отстранување
Церуменот најчесто се одстранува со перење со млака вода, кое го изведува лекар. Перењето се врши со метален шприц. Освен вода се користи и acidum boricum или хидроген. Стручното перење на увото е безболно.
Освен со перење ушната маст може да се отстрани и рачно, со инструменти, секако од страна на лекар. Понекогаш се користи и аспиратор, со кој се вшмукува маста.