Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Мочниот меур може лесно да стане “жртва” на летото. Воспалението на мочниот меур е почесто во лето.
Циститис е инфекција на мочниот меур. Независно каде се живее, симптомите, причините и текот се исти. Инфекцијата најчесто е предизвикана од бактеријата Е. Коли. Почеста е кај жени кои се анатомски попредиспонирани за развој на уринарни инфекциии.
Проблемот иако е “обичен” е непријатен и вознемирувачки, особено кога се сака да се ужива во одморот.
Симптомите лесно се препознаваат: ургентност, често мокрење на мали количини, жарење, потемна урина со непријатен мирис, болка во долен дел на стомакот и при сексуален однос, ректална болка кај мажи, непријатни сензации, бранови на топлина и студ.
Ако инфекцијата се прошири на бубрезите со појава на треска, температура, гадење, повраќање, болка во слабините треба да се консултира доктор.
Храна која ги влошува симптомитеː лута, кисела, пржена, прејако зачинета, благи газирани пијалоци, алкохол, кафе, сок од домати, вештачки засладувачи.
Лубеница, грозје, јогурт, чај од слез, магдонос, ѓумбир ги ублажуваат симптомите. Брусницата содржи супстанци кои спречуваат бактериите да се закачат на слузокожата на мочниот меур.
Кога е топло повеќе се потиме и можна е дехидратација. Телото веднаш детектира малку течност и се намалува излачената урина. Урината е поконцентрирана, подолго време останува во мочниот меур и микрооганизмите се размножуваат.
Ако се плива во загадена вода бактериите може да се “закачат” на костимот за капење или на кожата околу гениталиите. Тесниот, топол и влажен костим за капење обезбедува перфектни услови за раст на бактериите. Преку мочниот канал тие патуваат до мочниот меур каде се размножуваат.
Базените се полни со микроорганизми . Урина, фекални материи и желудочна содржина се ризик по здравјето. Најважно е базенот регуларно да се чисти и дизинфицира со хлор. Водата треба да е чиста, јасно сина. Тоа не значи дека во водата нема мали, невидливи со голо око, бактерии.
Со туширањето пред влегување во базен се отстранува нечистотијата од телото која би можела да се подели со секој кој ќе ја користи истата вода во базенот.
Циститисот не е сериозна инфекција и нема причина да се менуваат плановите за пат, освен ако докторот не советувал поинаку. Важо е да се има доволно вода за пиење за да избегнете дехидрација и редовно да се мокри, на 3-4 часа.
Во лето се потиме, почесто се миеме што може да ја оштети чувствителната кожа на гениталната регија, а бактериите добро напредуваат на оштетената кожа. Затоа, оладете се под туш, но не се тријте со сапун.
Повеќе надворешни фактори придонесуваат за појава на уринарна инфекција на одмор. Трите главни причини со кои може да се претера во тек на одмор се сексуалната активност, алкохолот и топлината.
За уживање во одмор без страв потребно е:
– туширање пред и по пливање.
– промена во сув костим за капење по излегување од вода. Влажниот костим создадава поволна средина за опстанок на бактериите.
– избегнување на пливање кога се има дијареа, бактериите од течните столици полесно влегуваат во уринарниот тракт кога сте во вода.
– внес на повеќе течности за задоволување на потребите на телото и за да се исплават бактериите од мочниот меур.
– контролиран внес на алкохол.
– мокрење по сексуален однос. Сексуалниот однос го олеснува движењето на бактериите и нивниот влез во мочниот канал и мочниот меур. Жените се особено осетливи на циститис по сексуален однос.