Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Туѓи тела во нос најчесто се наоѓаат кај децата, а многу поретко кај возрасните.
Причина
Децата од љубопитност при играњето, можат да си стават разни предмети во носот. Најчесто се тоа пластични перлички од бижутерија, монистри, ситни делови од пластични играчки, копчиња, понекогаш ситни батерии кои токсично делуваат на носната лигавица. Освен оредмети, туѓите тела можат да бидат и органски, како зрнца ориз или леќа или разни други ситни семки.
Туѓите тела најчесто се внесени преку ноздрите. Поретко стасуваат преку хоаните (задните отвори на носот) обично при повраќање.
Многу поретко е можно да стигнат при повреди.
Клиничка слика
Многу често туѓите тела остануваат неприметени, особено кај малите деца. Доколку е поситно туѓото тело, првите симптоми ќе се појават кога ќе се воспали лигавицата на носот. Прв симптом е еднострано затнување на носот и отежнато дишење низ носот. Често се јавува и кивање како пропратен симптом.
Набрзо доаѓа до појачана секреција од истата страна во која е туѓото тело. Секретот на почеток е бистер или лесно заматен, за набрзо да стане гнојав и смрдлив. Непријатниот мирис се чувствува и во околината. Понекогаш секретот може да биде сукрвичав.
Дијагнозата се поставува со анамнеза, од клиничката слика и со ОРЛ преглед.
По воочување на туѓото тело, оториноларингологот го отстранува со посесбни инструменти.
Ако туѓото тело стои подолго време, предизвикува воспаление на лигавицата, а често и инфекција. Тогаш е потребно да се даде и антибиотик.