Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Труење со храна е состојба предизвикана од консумација на храна или пијалок контаминирани со бактерии, вируси или паразити. Овие организми може да контаминираат било која храна која е несоодветно одгледана, собрана, складирана, зготвена или сервирана. Храна на која и поминал рокот на траење исто така може да предизвика труење. Понекогаш бактериите произведуваат токсини во храната кои се причина за проблемите.
Има храни кои е поверојатно да содржат инфективни организми и треба поголемо внимание кога се консумираат. Тоа се сурово или недолно зготвено месо, живина, термички необработени месни преработки, месни намази и паштети, школки, живи или недоволно зготвени јајца или храна која содржи живи јајца, меки сирења, непастеризирано млеко, млечни производи и сокови, неизмиено свежо овошје и зеленчук.
Труeњата се најчести после прослави, кога храната (сирења, мајонези, салати) е подолго време изложена надвор и на топло. Може да се затруе само едно лице или целата група луѓе. Труење со храна може секој да добие, но некои лица се поосетливиː бремени, мали деца, постари возрасни, лица со компромитиран имунолошки одговор. Труење предизвикано од бакеријата Листериа слабо ја погодува бремената жена, но е опасно за фетусот, може да предизвика абортус, прерано раѓање, мртвороденост, развојни потешкотии на фетусот.
Симптомите се јавуваат во тек на неколку часа или неколку дена по консумирање на контаминираната храна. Тежината на клиничката слика варира во зависност од причинителот и количината на консумирана храна. Најчести симптоми се гадење, повраќање, дијареа, абдоминална болка, треска, температура, слабост. Алармантно е ако има чести профузни повраќања, крв во столицата или повратените маси, силна абдоминална болка, висока температура, дијареа која не поминува за три дена.
Најчести причинители сеː салмонела (јајца, свежо или недоработено месо, живина), шигела и рота вирус (сурова храна), клостридиум перфригенс (говедско месо, живина, сушено месо, готова храна), клостридум ботулинум (несоодветно конзервирана храна, храна долго време чувана на висока температура), листериа (сирења, неизмиени сурови продукти, преработено месо, виршли), ешерихија коли (сурово или недоволно зготвено месо, контамнирана вода, сурови продукти), норовирус (контаминирана вода, сурови продукти, школки), вибрио (свежи школки, остриги), кампилобактер (свежа и недоволно зготвена живина, контаминирана вода), жардиа ламблиа (сурови продукти, контаминирана вода), Хепатитис А (свежи продукти, школки од контаминирана вода).
Третманот зависи од причинителот и тежината на симптомите. Симптомите вообичаено траат неколу часа до неколку дена, во зависност од причинителот и количината на внесениот патоген.
Случаи со слаби симптоми поминуваат за неколку дена сами од себе, без третман. Треба да се избегне дехидратација. Антибиотици се даваат ако причинителот е бактерија. Првите неколку часа по почеток на симптомите не треба да се внесува храна. Одмор во легло.