Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Секој повремено има ритмично и неконтролирано тресење на рацете. Нормално е да се има благ тремор, тоа се толку ситни движења што се приметуваат, на пример, кога се држат рацете пред телото (рацете нема да бидат потполно мирни).
Најчести причини за тресење на рацете се:
Есенцијален тремор е неволно ритмичко тресење на рацете; најчеста причина да се истури кафето од шолјата. Почнува постепено. Оди по фамилии. Се забележува додека се прави нешто со рацете (пиење вода, врзување врвки), а не кога рацете мируваат. Вообичаено започнува во рацете но може да зафати и други делови од телото, главата (“да-да” или “не-не” движења) дури и гласот. Причината не е јасна. Ситуацијата се влошува со возраста, умор, при стрес, со кафе.
Премногу кофеин (кафе, чај, кола пијалоци) – кофеинот е стимуланс и премногу кофеин во телото може да предизвика тресење на рацете.
Пушење – раширено е мислењето дека пушењето смирува, вистината е дека пушењето ги прави луѓето анксиозни. Никотинот, дрогата која создава зависност во тутунот, влегува во крвотокот, создава анксиозност и рацете се тресат.
Откажување од алкохол при зависност од алкохол, се јавува фино треперење на рацете. Почнува десетина часа по последниот пијалок и може да трае со недели.
Недостаток на сон – мозокот може да испраќа погрешни сигнали кои предизвикуваат тресење на рацете.
Низок шеќер во крвта (дијабетес, премногу алкохол, недоволен внес на храна, одредени лекови) – шеќерот е потребен за нормална работа на нервите и мускулите. Кога нема доволно рацете почнуваат да се тресат.
Недостаток на витамин Б12 кој има голема улога во одржување на здрав нервен систем; се чувствува пецкање, морници и рацете се тресат.
Стрес, анксиозност, умор, бес – нервите се преоптоваруваат, нервните импулси се засилени. Тресењето исчезнува кога стресот ќе помине.
Лекови – антидепресиви, за грчеви, мигрена, невропатија, астма, некои антихистаминици.
Паркинсонова болест – најсериозна дијагноза асоцирана со тремор. Оштетени се клетките на мозокот кои им кажуваат на мускулите да се движат. Тресењето вообичаено почнува на една рака и со тек на време се јавува и на другата рака. Тресењето е полошо при одмор, а не додека се работи со рацете. Се нарекува “тркалање на апчиња” бидејќи изгледа како да се тркала мала таблета меќу палецот и показалецот.
Мултипла склероза – оштетена е миелинската обвивка на нервите. Може да се тресат рацете или/и други делови од телото.
Прекумерна работа на тироидната жлезда (хипертироидизам) – забрзан е пулсот на срцето, може да се јави слабеење, проблеми со спиењето.
Феохромоцитом – редок тумор на надбубрежната жлезда кој води до голем пораст на крвниот притисок, тресење, силно препотување, отежнато дишење и главоболка, срцева болест и мозочен удар.
Нарушувања на мозокот – дисфункција или оштетување на одговорните неврони поради повреда, исхемичен или метаболен инсулт или неуродегенеративно пореметување.
Проблем се јавува ако треморот влијае на секојднневните задачи како јадење, пиење, пишување, бирање на телефон, закопчување на копчиња. Консултација со доктор е потребна за иследување на невролошка или метаболна болест.