Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Овој карцином е релативно редок, 1% од сите карциноми кај мажите, но бројот на случаи на тестикуларен карцином е во пораст. Ако рано се детектира е еден од туморите кои најлесно се лекуваат. Ако не се дијагностицира и лекува во раниот стадиум, се шири преку лимфните јазли во белите дробови и други делови на телото.
Tестикуларните карциноми се класифицирани според типот на клетки од кои карциномот започнува. Најчест тип (95%) е карцином од герминативни клетки, клетки кои телото ги користи за креирање на сперматозоиди. Има два подтипа на карцином од герминални клетки, семиноми и не-семиноми. Поретки се тумор од Leydig-ови клетки, од Sertoli-еви клетки и лимфоми.
Тестикуларниот карцином е особено опасен бидејќи нема симптоми асоцирани со него. Најчесто, првиот знак е јазол (како зрно грашок во самиот тестис) или оток и зголемување на тестисот. Некои тестикуларни тумори предизвикуваат болка или чувство на тежина, но најчесто болка нема. Ретко, некои тумори создаваат хормони кои предизвикуваат раст на градите и нивна болна осетливост.
Наодот на јазол не мора да е карцином, но важно е да се направи лекарски преглед за сите јазли кои ќе се откријат. Ултразвучниот преглед може да визуелизира било какви промени во тестисите.
Карциномот на тестиси е еден од карциномите кои најдобро се лекуваат. Повеќе од 96% од мажите со тестикуларен карцином во ран стадиум ќе бидат комплетно излекувани. Cпоредено со другите карциноми, смрт од тестикуларен карцином е ретка.
Не се знае точно што го предизвикува тестикуларниот тумор но се знаат некои ризик факори. На некои ризик фактори, на пример пушењето, може да се влијаеː
неспуштен тестис (крипторхизам): кај околу 3-5% момчиња, едниот или двата тестиса не се спуштаат од мевната празнина надоле во скротум како што би требало. Повеќето тестиси сами се спуштаат во текот на првата година од животот но некогаш е потребен оперативен зафат. Мажи со крипторхизам имаат поголем ризик за тестикуларен канцер отколку мажи кои го немаат овој проблем.
фамилијарна историја за тестикуларен тумор
HIV инфекција (human immunodeficiency virus)
карцином на еден тестис го зголемува ризикот за добивање карцином на другиот тестис.
возраст, најчесто тесткуларните тумори се кај мажи од 20 до 34 години
расата и етничката припадност не се знае точно како влијаат но карциномот е пет пати почест кај бела раса мажи
материи кои ја пореметуваат хормоналната рамнотежа (пестициди, состојки во течностите за ладење, хемикалии за производство на козметички препарати)
неплодност: мажи кои се неплодни имаат три пати поголем ризик за развој на тестикуларен канцер. Причината не е јасна.
пушење: пушачите имаат два пати поголем ризик отколку оние што не пушат.
Секој маж треба еднаш месечно да направи само преглед на тестисите. Најдобро време за тоа е по топол туш. Ако се открие јазол или испакнатина веднаш треба да се консултира лекар. Најдобра превенција е рана детекција и третман.