Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Микробиомот е “мини екосистем,” колективни геноми на микробите (бактерии, габи, протозои, вируси) кои живеат на и во човечкото тело, во устата, цревата, вагината, на кожата. Луѓето имаат трилиони микроорганизми, повеќето живеат во цревата. Тие не се напаѓачи, туку корисни колонизатори.
Овие микроорганизми се од витално значење за процесите на Земјата: кругот на исхраната, биоразградбата, климатските промени, расипувањето на храната, контролата на болестите, биотехнологијата.
Важни се за хомеостаза на гликозата, варењето на храната, метаболизмот на холестеролот и липогенезата, го регулираат имунолошкиот систем, штитат од бактерии кои предизвикуваат болести, произведуваат Б витамини (Б12, Б1, Б2), витамин К.
Цревниот микробиом е сложена интеракција меѓу микробите, имунолошкиот систем на домаќинот, хормоните, навиките во исхраната, лековите, физичката активност.
Микробиомот помага во одбраната на домаќинот преку едукација на имунолошкиот систем. Тенкото црево е богато со имунолошки клетки кои комуницираат со микроорганизмите и промовираат имунолока толеранција. Недостаток на корисни бактерии промовира воспаление преку промени во составот на микробите и оштетување на цревниот епител предизвикувајќи пропусно црево. Бактериски компоненти го напуштаат тенкото црево и предизвикуваат локална или систсемска инфламација.
Најдена е директна врска меѓу цревниот микробиом и менталното здравје, микробиомот на тенкото црево влијае на развојот и нормалната функција на мозокот.
Автоимуните болести, ревматоиден артритис, мускуларна дистрофија, мултипла склероза и фибромиалгија се асоцирани со дисфункција во микробиомот. Се чини дека автоимуните болести се пренесуваат во фамилиите со наследување на фамилијарниот микробиом.
Микробиомот влијае на осетливоста на инфективни болести и допринесува за хронична болест на гастроинтестиналниот систем, Кронова болест и синдром на иритабилно црево.
Микробиомот на мајката влијае на здравјето на детето. При раѓање, микробиомот почнува да се формира во тек на излагање низ родилниот канал, консумација на мајчино млеко и контакт со микробите во околината. Квалитетот на спиењето и изложувањето на бактерии влијаат на состојбата и составот на цревниот микробиом.
Зголемената употреба на антибиотици и тенденцијата за стерилни средини допринесува за зголемен број на цревни проблеми, проблеми со варењето на храната, промени на расположението, кожата, метаболизмот и имунитетот.
Кога во цревата има многу лоши бактерии и нема доволно добри батерии кои ќе им се спротистават се јавува негативен дисбаланс кој може да води до болести.
Микробиомот се подобрува со:
– исклучување на штетната храна. Ако често се консумира храна со нарушен сопствен микробиом (јајца, месо, живина) се компромитира микробиомот на домаќинот и предизвикува воспаление. Да се избегнува: рафинирана храна, преработени шеќери и житарки, вештачки засладувачи.
– природна храна која допринесува за добри бактерии во цревата и природно го намалува воспалението
– храна богата со антоксиданси, полифеноли, влакна и пребиотици
– храна која содржи култури на добри бактерии: јогурт, црна чоколада, кефир, кисели краставички, ферментиран зеленчук
– свеж зеленчук, мешунки, овошје, цело зрно житарки, здрави масти, зачини, чаеви, црвено вино
– намалена употреба на антибиотици
– управување со стресот
– квалитетно спиење
Пробиотиците содржат живи микроорганизми, имаат корисен ефект на здравјето на човекот и за позитивна модификација на микробиомот.
Пребиотиците се супстрат, нерастворливи влакна, кој го користат микробите на домаќинот, не се живи микроби.
Симбиотик е препарат, комбинација на про- и пре-биотици.