Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Анемија е болест на крвта. Се јавува кога нивото на хемоглобин во крвта е ниско и нема доволно црвени крвни зрнца, еритроцити. Еритроцитите регуларно се создаваат во коскената срцевина и содржат хемоглобин, белковина која го носи кислородот низ телото. За производство на хемоглобин и еритроцити потребни ежелезо, витамин Б12, фолати и други хранливи состојки од храната која се внесува. Анемијата може да е привремена или долготрајна, може да е блага до умерена и тешка.
Има неколку типови анемија кои се јавуваат поради една од следниве причиниː
– организмот не создава доволно хемоглобин
– се создава доволно хемоглобин но хемоглобинот не работи коректно
– телото не создава доволно црвени крвни зрнца
– црвените крвни зрнца брзо се распаѓаат.
Железо дефицитна анемија најчесто се јавува кај жени со обилни менструации, трудници и доилки, кај деца до три години (телото има потреба од повеќе железо во тек на раст), кај постари над 65год. (исхрана сиромашна со железо), кај лица на терапија со лекови за разредување на крвта кои може да ја оштетат слозокожата на желудникот. Се јавува поради губиток на крв, недоволен внес на железо со храна или негова намалена апсорпција. Зоголемeн ризик за развој на анемија има кај хроничен алкохолизам, изложеност на отровни хемикалии, анорексија, булимија.
Други типови се
– исхрана сиромашна со витамин Б12 и/или фолна киселина
– вродени болести на крвта (српеста анемија, таласемија)
– состојби кои предизвикуваат брза разградба на еритроцитите.
Пернициозна, мегалобластна анемијаː телото не е во состојба да го апсорбира витамин Б12 или фолна киселина поради недоволна или отсутна синтеза на интринсик фактор (поврзано со атрофичен гастритис).
Хемолитична анемијаː вродена или стекната болест со деформирани еритроцити, поради штетни субстанци, лекови. Еритроцитите се разградуваат побрзо отколку што коскената срцевина може да ги надомести. Може да е последица на автоимунаболест со зголемено уништување на еритроцитите.
Српеста анемијаː вродена и сериозна состојба, хемолитичка анемија, односно хемоглобиопатија. Хемоглобинот има дефектна форма и прави еритроцитите да имаат абнормална полумесечеста форма. Овие ирегуларни клетки умираат прерано и има хроничнен недостаток на еритроцити.
Апластична анемијаː ретка, животно загрозувачка болест. Коскената срцевина е неактивна или оштетена поради инфекции, лекови, автоимуни болести, токсични хемикалии.
Најчеста причина за анемија е ниско ниво на железо, потребно за создавање на хемоглобин. Причини за ниско железо и анемија сеː
– крварење, кое настанало брзо (несреќа) или губиток на мали количини на крв во подолг период
– телото губи повеќе железо отколку што може да надомести со храна, кај жени со обилни менструации, по породување, воспалителни болести на цревата, подолго користење на аспирин и нестероидни антивоспалителни лекови
– недоволен внес на железо, витамин Б12, фолати со храна
– зголемена потреба за железо (во тек на бременост)
– телото не произведува доволно еритроцити
– намалено производство или уништување на еритроцити поради инламација, болест (леукемија, канцер, ХИВ, ревматоиден артритис, бубрежни болести, Кронова болест).
Продукти со танин (чај, кафе, газирани пијалоци) и поголемо количество калциум ја намалуваат апсорпцијата на железо.
Симптоми – замор, слабост, бледа кожа, вртоглавица, главоболка, намалена концентрација, студ, ладни раце и нозе, забрзана работа на срцето, кршливост на ноктите.