Д-р Елена Арсова, менаџер на Hair Clinic Beograd (www.hairclinicbalkan.com)
Во зима, повредите на ноктите се чести кај скијачите. Премали или преголеми чизми за скијање, може да предизвикуваат вашето стопало да се лизга напред и назад во чизмата и тогаш имаме услови за репетитивна траума. Може да се јави и при носење тесни чевли кои притискаат на прстот и ја заробуваат крвта водејќи до зголемен притисок во крвните садови и последователни подливи. Во такви услови се јавува т.н скијачки прст.
Скијачки прст е всушност субунгвален хематом, состојба кога се јавува крварење под ноктот. Субунгвален хематом е честа повреда на лежиштето на ноктот, предизвикан од удар на ноктот или прстот како и од повторувачка траума.
Независно дали е акутна или репетитивна траума, доаѓа до пукање на малите крвни садови и излевање на крвта меѓу ноктот и лежиштето на ноктот. Пациентот забележува дисколорација на ноктот, модрило на ноктот и чувство на притисок. Крварењето од богатата васкуларна мрежа го зголемува притисокот под ноктот и предизвикува сигнификантен дискомфор. На почеток повредата може само да боли и да има осетливост на допир. Како што крвта се акумулира болката се зголемува, и дава остра болка. Дури притисокот од крвта може да го подигне ноктот. Бојата се менува од црвена во виолетова до темно кафеава.
Обично третманот е минимален и се состои од мирување, подигнување на ногата, лед и компреса на ноктот. Аналгетици за болката исто така се препорачуваат. Подигнување на ногата и апликација на лед директно ќе го намали отокот. Со тек на време ќе се ресорбира хематомот, а за 6 до 9 месеци ноктот се обновува. Но исклучиво често на повреда од ваков тип се надоврзува габична инфекција на ноктот која многу тешко се лечи. Од тие причини советувам задолжителна трепанација на ноктот.
Трепанација е техника која овозможува да се издренира крвта, да се олесни притисокот и болката и пред се да се превенира развој на габична инфкеција. Дури препорачувам и купки за превенција од габична инфекција.