Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
ШТО Е СЕКРЕТОРЕН ОТИТИС
Секреторен отитис медиа (СОМ) е посебен тип на воспаление на средното уво кој подразбира постоење на секрет зад слушното тапанче во средното уво. Секреторниот отитис е честа последица на акутно воспаление на средното уво кај децата.
Се јавува како резултат на чести и недоволно излечени воспаленија на средното уво или поради нефункционирање на евстахиевата труба. При тоа во средното уво се создава излив кој е резултат на непотполно излекување на акутно воспаление на средното уво и затнатост на евстахиевата труба. Не мора да значи дека постои активна инфекција во средното уво.
СОМ е многу честа состојба која погодува 80 % од децата. Се јавува барем еднаш кај 7 од 10 деца пред нивната четврта година од животот. Почесто се јавува кај машките.
КАКО НАСТАНУВА
Доколку кај децата се јавуваат чести повторувачки акутни воспаленија на увото, со кратки мирни периоди помеѓу инфекциите, средното уво не стигнува да се опорави од воспаленијата, па тогаш доаѓа до насобирање на секрет во средното уво. Оваа состојба дава чувство на полност и го ослабува слухот.
Освен поради чести воспаленија на средното уво СОМ може да се јави и кај чести инфекции на носот и назофарингсот, како и кај алергии на носот.
Честа причина за СОМ е зголемен трет крајник.
Кај сите споменати ситуации настанува блокирање или смалена функција на евстахиевата труба. Евстахиевата труба е канал кој што го поврзува средното уво со задниот дел на носот, наречен назофарингс. Важна е за изедначување на воздушниот притисок во средното уво. Вообичаено при голтање, евстахиевата труба се отвора околу 3-4 пати во минута и увото се вентилира.
При воспаление се стеснува тубата и доаѓа смалување на нејзината проодноост. Доколку е стеснета и нефункционална, нема правилно вентилирање на средното уво, нема доволно воздух и се создава негативен притисок. Тоа резултира со насобирање на течност (секрет) во средното уво и појава на секреторен отитис.
Секретот најчесто е стерилен, но може да содржи и бактерии, кои не мора да предизвикаат инфекција.
КАКО ДА СЕ ПРЕПОЗНАЕ СОМ – СИМПТОМИ
СОМ е скоро без симптоми. Со обзир на тоа дека најчест во детската возраст, децата ретко ќе се пожалат на некакви симптоми. Тој може со недели па и месеци да остане неоткриен. Најчесто случајно се открива при контролни прегледи и испитувања на слухот. Обично родителите, воспитувачките или наставниците приметуваат дека детето послабо слуша, не се одзива кога го викаат или послабо реагира кога му зборуваат или препрашува, го засилува тонот на телевизорот, таблет или телефон. Кај децата со значително ослабен слух може да дојде до заостанување во развојот на говорот или погрешно изговарање на зборови и реченици, што е значаен пробем. Доколку ова воспаление остане непрепознаено, во училиште децата може да заостануваат зад своите врсници во совладување на наставата и да имаат полош успех. Возрасните сами се жалат на ослабен слух.
Други симптоми можат да бидат чувство на притисок, полност и затнатост во увото, како и пукање при голтање или прозевање. Болка во увото исклучитено ретко се јавува, најчесто ако е многу затнат носот или има некаква пропратна инфекција.