Д-р Искра Петровска Шешова
Специјалист Дерматовенеролог
Дерматолошко Естетска Ординација Д-р Искра
Себороичен дерматитис е хронично воспаление на кожата кое најчесто ги зафаќа региите каде се присутни лојни жлезди. Се карактеризира со воспалителна реакција при што е присутно црвенило, лупење и чешање на кожата. Почесто се јавува кај мажи, но може да се јави и кај жени и бебиња.
Кои се причините за настанување на себороичниот дерматитис?
Често пати е поврзано со генетика, нарушена PH на кожата, хормонален дисбаланс, стрес, лоша нездрава исхрана, имунолошко пореметување, механичко надразнување на кожата, присуство на габичката Pytirosporum ovale, депресија, Паркинсонова болест и друго.
Кои симптоми се јавуваат кај себороичниот дерматитис?
Кожата е црвена, се јавува перутање на кожата и чешање. Сите овие промени се јавуваат на места каде што се присутни лојни жлезди. На лице, околу нос, на чело, на косматиот дел на главата, зад уши.
На некои од деловите на кожата ако не се лекува може да се јави дополнително секундарна бактериска инфекција.
Која терапија се применува кај себороичниот дерматитис?
Терапијата која се пропорачува кај лица со себороичен дерматитис е антигабична. Се препорачуваат препарати во облик на лосиони, креми, шампони кои содржат миконазол, кетоконазол. Во случај ако има силна воспалителна реакција се препорачуваат и кортикостероидни препарати, потоа препарати кои кератолитички дествуваат на лушпите полесно да се отстрануваат како што се салицилна киселина, како и препарати кои содржат сулфур, цинк и селениум сулфид.
Од особена важност е да се напомене да не се користат иритирачки препарати кои дополнително би ја влошиле состојбата на кожата. Посебно да се внимава на исхраната – да се намали внес на храна богата со јагленихидрати, да се избегнува зачинета храна, брза, конзервирана и лута. Се препорачува храна богата влакна како што се овошјето и зеленчукот, додатоци во исхраната кои содржат витамин Е и есенцијални масни киселини. Некогаш и природни препарати можат да помогнат кај себороичниот дерматит како што се кокосовото масло , алое вера, мед, чај од жалфија и маслинов зејтин.