Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Антибиотиците се антимикробни лекови кои ги убиваат бактериите или го инхибираат размножувањето и така ги лекуваат инфекциите кај луѓето, животните и некои растенија. Има повеќе различни класи на антибиотици кои може да ефикасни спрема еден тип или повеќе типови на бактерии.
Резистенција на антибиотици е кога специфичен антибиотик ја губи способноста да ги убие или да го стопира растот на бактеријата. Некои бактерии се природно, вродено, резистентни на некои антибиотици. Проблем се јавува кога бактеријата која нормално реагира на даден антибиотик стане резистентна како резултат на генетски промени (аквирирана резистенција). Бактеријата преживува во присуство на антибиотикот, продолжува да се размножува и да предизвикува болест.
Антибиотската резистенција е природна појава предизвикана од мутации во гените на бактериите. Прекумерната и несоодветна употреба на антибиотици го забрзува ширењето на резистентни бактерии. Кога ќе се изложат на антибиотик, осетливите бактерии се убиваат, а резистентните може да продолжат да растат и да се размножуваат. Овие резистентни бактерии може да се шират и да предизвикаат ифекции кај други луѓе кои не земаат антибиотици.
Несоодветна употреба на антибиотици е кога се скратува времетраењето на земање, се намалува дозата, не се зема во препишано време. Тогаш нема доволна концентрација на антибиотикот во организмот, бактериите преживуваат и може да станат резистентни.
Злоупотребата на антибиотици последниве години доведе да тие се помалку ефикасни и да се јават нови соеви, суперпатогени кои се резистентни на многу различни и силни антибиотици во исто време. Бактериските инфекции се шират и предизвикуваат многу различни и сериозни инфекции, уринарни, кожни, пневмонија, сепса. Инфекцијата не се третира соодветно и резултира со компликации и смрт. Резистентни бактерии се чести во домови за згрижување на стари лица и во болници. Овие инфекции се сериозни, животно загрозувачки и ја зголемуваат смртноста низ светот.
Нестероидните антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) контролираат болка и инфламација. Се смета дека нивната зголемена употреба може да игра улога и во резистенцијата на антибиотици. Тие ги поттикнуваат бактериите да мутираат и да станат резистентни на антибиотици.
Антибиотици се користат и за третман и превенција на бактериски инфекции кај животни. Затоа и животните може да стекнат бактерии резистентни на антибиотици кои исто така се користат против инфекции кај луѓето.
Одговорна употреба на антибиотици е одговорност на сите. Треба да се знае кога е оправдано да се земе антибиотик и да се земе правилно, да нема злоупотреба на антибиотици.