Д–р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Ревматоиден артритис (РА) е автоимуна, хронична, воспалителна болест. Најмногу влијае на подвижните, синовијални зглобови кои се обложени со посебно ткиво, синовија. Овие зглобови имаат зглобна празнина во која има мала количина на густа, синовијална течност. Карактеристично за ревматоидниот артритис е да ги зафаќа малите зглобови на рацете и стапалата и најчесто подеднакво и симетрично на двете страни но може било кој синовијален зглоб да биде зафатен. Болеста е системска, влијае на целиот организам.
Се смета дека 1% од популацијата има ревматоиден артритис. Појавата е 2,5 пати поголема кај жените отколку кај мажитe, но мажите имаат потешки симптоми. Вообичаено почнува во средните години, но особи од сите возрасти може да заболат.
Има инфламација на синовијалните мембрани на зглбовите кои стануваат црвени, отечени,топли и болни. Постои утринска вкочанетост, особено на малите зглобови на рацете, слабост. Ги зафаќа зглобовите од двете страни на телото, како на пример, двете шаки, или двете колена, двата рачни зглоба. Со тек на време инфламацијата ја зафаќа рскавицата, таа се троши, се стеснува просторот помеѓу коските во зглобот. Коските се тријат една од друга. Симетричната појава помага РА да се разграничи од другите типови на артритис. Кај некои особи зглобните симптоми се појавуваат одеднаш, кај други постепено со години. Со тек на време се зафаќаат очите, срцето, белите дробови, кожата, нервите, крвните садови (васкулитис)и други органи. Кај 30% од пациентите има ревматоидни нодули, цврсти поткожни формации, големи колку зрно грашок или помал орев.
Точната причина зошто се јавува РА не се знае. Се смета дека постои комбинација на факториː генетски, пол, абнормален имунитет, хормони, фактори од околината. Различни фактори се тригер момент за активација на имунолошкиот систем и појава на ревматоиден артритисː инфекција, физички или емоционален стрес.
Третманот вклучува лекови, одмор (особено кога воспаленитето е влошено), вежби (за одржување на флексибилноста на зглобовите, за силата на мускулите, одење, пливање, вежби за истегнување) и во некои случаи хируршки третман.
Целта на терапијата е да се зголемат шансите за ремисија и да се спречи инвалидитет.