Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Влегувањето во 40-тите е пресвртница. Промената која е неизбежна е транзицијата кон менопауза.
Менопаузата почнува на 50 … или на 38 … или на 60 години. Повеќето жени влегуваат во менопауза меѓу 45 и 55 години.
Бројни промени има пред менструалниот циклус потполно да запре. Менструација може да се има, а да се чувствува слабост, променливо расположение, иритабилност, пораст на тежината, топли бранови. Овие симптоми може да зборуваат за перименопауза која трае од неколку месеци до неколку години. Повеќе симптоми може да се има во перименопаузата отколку во самата менопаузата затоа што хормони (естрогени, прогестерон, тестостерон) природно повеќе флуктуираат во ова време отколку во менопауза.
Перименопаузата се одликува со физички, емотивни и психолошки промени. Менструалните периоди се посилни или послаби, покуси или подолги. Може да има една или повеќе пропуштени менструации следени со регуларна менструација.
Се менува обликот на телото и нивото на енергија. Метаболизмот се упорува. Мускулната маса со годините постепено се претвара во маст. Порастот на тежина станува покомплексен, не е само “внесени/потрошени калории.” Тежината се префрла на стомакот, околу половината, рамената и градите. Колку помалку естроген има толку повеќе мастите се акумулираат околу половината. Бидејќи мастите горат помалку калории од мускулите одржувањето на тежината е сѐ потешко. Дури и жени кои редовно вежбаат и здраво се хранат имаат пораст на тежината.
Вежбањето го подобрува здравјето, се одржува здрава тежина, дава повеќе енергија, мускулите се тонизирани, се подобрува расположението, спиењето.
Спортувањето помага и за коските и зглобовите. Кога телото произведува помалку естроген се зголемува ризикот од губиток на коскената маса што води до болест на слаби коски-остеопороза. Заедно со спортувањето треба да се внесува и доволно калциум со исхраната.
Да се јаде здраво станува полесно. Телото испраќа сигнали дека одредена храна не треба да се јаде или да не се јаде толку многу. Срцебиење, подуен стомак, киселини и други тегоби се начинот на кој телото кажува дека треба да се престане. Здравата храна помага за подобро чувство, одржување на здравјето и добриот физички изглед. Дефинитвно и засекогаш цигарите треба да се остават.
Здравата храна и вежбањето заедно обезбедуваатː
– подобро општо чувство и балгосостојба
– повисоко ниво на енергија
– поголема отпорност на болести
– подобра ментална активност.
Висок крвен притисок и висок холестерол водат до зголемен ризик за кардиоваскуларни болести, срцев и мозочен удар. Важна е здрава исхрана со намален внес на сол и сатурирани масти, ограничен внес на алкохол и престанок на пушење.
Промена на мозочната функција – намалениот естроген допринесува за губиток на краткото помнење и промени во расположението. Се намалува концентрацијата на неуротрансмитери во мозокот (серотонин, допамин и норепинефрин) важни за одржување на доброто расположение и емоционалната стабилност.
Кожата старее, посува е, се менува бојата, се јавува пигментација, старечки флеки. На лицето има и неколку линии повеќе, дамките и бенките се потенцираат, ги има сé повеќе. Време е да се научи како човек да се чувствува удобно во сопствената кожа, емоционално и духовно.
Видот може да се промени и да се има потреба од очила или леќи.
Чувството за мирис и вкус може да е затапено, намалено.
Сексуалната желба се менува. Средните години се друг вид на привлечност, нова фаза од животот која треба да се ужива и негува. Хормоналниот имбаланс води до психички, физички и емоционални промени кои влијаат на сексуалниот живот.
Топлите бранови се минлива појава, дел се од менопаузата но не сите жени имаат топли бранови. Траат неколку минути, може да се благи или интензивни. Некои жени имаат срцебиење, ноќно потење и проблем со спиењето. Топлите бранови потекнуваат од мозокот, директна последица се на намалениот естроген во терморегулациониот центар.
„Хируршката“ менопауза е различна од природната менопауза, преку ноќ се јавуваат промени во хормоналната равнотежа. Ако се отстранат двата овариума поголем е ризикот од низок тестостерон кој е важен за сексуалната желба. Со парцијална хистеректомија, кога само утерусот е изваден, промените не се толклу силни.