Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Спермата е телесна течност која излегува низ мочниот канал, уретра, во тек на ејакулација. Се секретира од гонадите (сексуалните жлезди, тестисите) и други сексуални органи. Во тек на ејакулација сперматОзоидите поминуваат низ ејакулаторните канали и се мешаат со течности од семиналните везикули, простатата и булбоуретралните жлезди и се формира спермата. Семиналните везикули продуцираат жолтеникава вискозна течност која е 70% од спермата. Течноста од простатата, 30-35%, е белузлава. Булбоуретралните жлезди секретираат бистра течност (≤1%).
Спермата содржи органски и неоргански материи кои допринесуваат за бојата и конзистенцијата. Содржи минерали, аминокиселини, лимонска киселина, ензими, фруктоза, фосфорилхолин, фибринолизин, простагландин, калциум, натриум, калиум, цинк.
Нормално спермата е леплива и вискозна, желатинозна. Варијации се јавуваат зависно од исхраната, нивото на физичка активност, консумацијата на алкохол и на марихуана.
Просечна количина на еден ејакулат варира од 2 до 5 мл.
Во тек на една ејакулација спермата содржи од 50 до 600 милиони сперматозоиди, што зависи од силината на ејакулацијата и од тоа колку време поминало од последната ејакулација.
Нормална сперма има заматено бела или сива боја. Во време од 30 минути станува прозрачна. Мирисот може да зависи од храната. Непријатен мирис скоро секогаш е знак за инфекција.
Мала количина на сперма во тек на ејакулација може да е резултат на блокада на семените кесички или ејакулаторниот канал, а може да покажува и ретроградна ејакулација (кога спермата наместо да излегува низ каналот, се враќа и влива во бешиката; резултат е на инфекција или операција на простата, дијабетес, лекови).
Бојата и квалитетот на спермата зависат од возраста, здравствената состојба, исхраната, честотата на ејакулација. Сите варијанти, од ретка до густа сперма се нормални.
Густа сперма која е со грутки најчесто е привремена состојба, нема причина за грижа. Причиниː ретка ејакулација, дехидратација или ненормално ниско ниво на тестостерон.
Жолта сперма не се смета за серизен проблем; и здравата сперма може да е жолтеникава. Причиниː витамински додатоци, храна која ја бои спермата (богата со сулфур како кромид и лук), пиење алкохол или употреба на марихуана.
Други причиниː инфекција на уринарен тракт, простатитис, жолтица, леукоцитоспермија (сексуално преносливи болести, простатитис, автоимуни болести).
Црвена, розева или кафена сперма обично е знак за крварење (хематоспермија) во предел на простата или пукнат крвен сад. Состојбата е привремена, трае ден-два. Јасно црвена боја е знак на свежа крв. Кафена нијанса е знак на постаро крварење.
Причиниː инфекција, траума, хируршка интервенција, ретко карцином (на простата, тестиси, уретра).
Зелена или жолта сперма – кај некои сексуално преносливи болести, гонореа, се излачува исцедок кој може да ја обои спермата.
Прозирна сперма укажува на ниска концентрација на сперматозиди (чести еакулации – за производство на сперматозоиди треба време). Сперматозоидите допринесуваат за матниот изглед на спермата.
Црна сперма вообичаено е предизвикана од хематоспермија. Темна, црна крв е стара крв која се задржала во телото подолго време. Може да е асоцирана со оштетување на рбетен мозок, причината не се знае, може да е во врска со малфункција на семиналните везикули. Високо ниво на тешки метали во телото, олово, манган, никел (резултат на експозиција на контаминирана храна, вода или други фактори од околината) може да даде темно пребоена сперма.