Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Инфекција на уринарен тракт е инфекција која ги зафаќа бубрезите, уретерите, мочниот меур и уретрата. Урината нормално е стерилна. Инфекциите на долниот тракт се циститис (инфекција на мочниот меур) и уретритис. Главна причина за овие инфекции се бактерии што нормално се наоѓаат во цревата, најчесто Е.коли. Овие бактерии се шират од аналниот отвор до уретрата и влегуваат во мочниот меур, каде растат, се размножуваат, го напаѓаат ткивото и предизвкуваат инфекција.
Инфекцијата на горниот уринарен тракт ги зафаќа бубрезите, најчесто само еден бубрег и се нарекува пиелонефритис. Се јавуваат затоа што бактериите од мочниот меур патуваат нагоре до бубрегот.
Адхезијата на патогените кон уротелијалните клетки го спречува нивното отстранување и затоа нивниот прв чекор е колонизацијата на мочниот меур.
Жените се погодени многу почесто од мажите бидејќи уретрата е поблиску до аналниот отвор и е пократка што овозмжува лесен премин на бактериите во мочниот меур. Сексуален однос го олеснува ширењето на бактериите. Употребата на контрацептивни дијафрагми и спермициди може да ја промени нормалната бактериска средина околу уретрата и да олесни развој на инфекција.
Симптоми:
– често мокрење, ургентност
– интензивен нагон за мокрење
– болка, непријатност, жарење при мокрење
– притисок, болка во долен дел на стомак
– матна или крвава урина, со непријатен мирис
– треска
– будење од сон за мокрење
Превенција:
– внес на течности; течностите ги испираат уринарните патишта, се намалува можноста бактериите да се лепат за зидовите
– бришење од напред кон назад по празнење на цревата; се спречува ширењето на цревните бактерии од аналната регија до уретрата
– измокрување по сексуален однос; се исфрлаат бактериите, кои евентуално влегле преку уретрата
По дијагностицирање на уринарна инфекција, се препишуваат антибиотици. Бидејќи овие инфекции се чести, важна е превенцијата.
Намирници и додатоци во исхраната кои го намалуваат ризикот за развој на уринарна инфекција:
Брусницата сречува бактериите да се лепат на слузницата на уринарниот тракт. Содржи проантоцијанидини кои ја инхибираат адхеренцијата на бактеријата Е.коли кон уроепителните клетки. Производите од брусница може да ги намалат повторувачките инфекции кај жени, особено во пременопаузата.
Боровинките се природен антибиотик, содржат антоцијанини и имаат антибактериска активност. Спречуваат бактериите да се лепат на слузницата на уринарниот тракт.
Витаминот Ц го спречува растот на бактериите со тоа што ја прави урината покисела и активира продукција на нитрик оксид со што предизвикува присутните бактерии да престанат да егзистираат. Во исхраната да се вклучат портокали, лимони, грјпфрут, јагоди, лиснат зелен зеленчук.
Пробиотиците содржат добри бактерии кои го спречуваат растот на лошите бактерии. Пробиотици има во јогурт, сирење, кефир, ферментирана храна.
Д-манозата е вид на шеќер; спречува бактериите да се залепат на слузницата на уринарниот тракт. Ова го олеснува отстранувањето на патогените преку протокот на урина. Таа е безбедна и ефикасна. Се наоѓа во брусницата, јаболката, портокалите, праските, брокулата.