Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Што нé прави среќни? Многу случувања и луѓе во овие празнични денови може да направат да се чувствуваме среќно. Топла прегратка, убава честитка, неочекуван подарок. Tоплината што нé обзема, убавото чувство на среќа се резултат на хемиски сензации кои се случуваат во телото.
Допаминот, серотонинот, ендорфините и окситоцинот се главни неуротрансмитери во мозокот кои помагаат да се чувствуваме добро расположени и среќни.
Допаминот игра значајна улога во системот на наградување кој ја контролира мотивацијата, желбата и копнежот. Допаминот нé мотивира да започнеме со нова навика.
Допаминот го дава оној наплив на задоволство кога напорно сме работеле за да постигнеме некоја цел. Затоа поставувањето на реалистични и остварливи цели и нивно остварување е еден од начините за континуиран дотур на допамин. Слушањето музика е друг релаксирачки начин за да се откочи допаминот.
Серотонинот се ослободува кога се чувствуваме горди, кога имаме чувство дека постигнуваме нешто или добиваме признание од другите: промоција, унапредување на работа, добивање диплома, чувството кога го достигнуваме тоа нешто што сме го сакале или за што сме мечтаеле. Серотонинот се смета за природен потиснувач на апетитот, го регулира циклусот сон-будење, сознанието и концентрацијата, температурата на телото и згрутчувањето на крвта.
Производството на серотонин се поттикнува со внес на одредена храна (јајца, сирење, ананас, лосос, спанаќ, семки, јаткасти плодови), вежбање, престој во природа на сонце, масажа, правење работи кои ни носат радост. Ако во стресен ден ви треба повеќе серотонин фокусираје се на постигнувањата и победите од минатото.
Ендорфините се ослободуваат како одговор на болка, помагаат да се ублажи анксиозноста и депресијата. Силното смеење, од стомак ги активира ендорфините. Стомачните контракции во текот на смеењето предизвикуваат доволен мускулен дискомфорт и се ослободуваат ендорфини кои потоа се шират низ телото.
Окситоцинот се ослободува за време на контакт со другите,при допирање, гушкање. Тоа е чувството кое стои зад љубовта, довербата и пријатеството. Го зајакнува имунолошкиот систем, создава цврсти врски и ги подобрув социјалните односи.
Едноставен начин да се поттикне окситоцинот е да гушнете некого или да му подарите нешто.
Исхрана која го подобрува расположението
Медитеранска исхрана е најдобра исхрана за управување со стресот и за продукција на серотонин.
Рибиното масло го поддржува серотонинот.
Витамин Д го претвара триптофанот во серотонин.
Витамин Ц – го подобрува расположението.
Чајот може да помогне за смирување и намалување на депресијата (нане, камилица, кантарион, лаванда, валеријана, пасифлора, мелиса).
Гинко билоба го намалува оксидативниот стрес и го зголемува производството на допамин.
Ароматерапија, лаванда и ванила се поврзуваат со производство на ендорфини.
Црно чоколадо и лута храна водат до ослободување на ендорфини од мозокот.