Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Формата на телото нормално се менува во текот на животот. Порастот на тежината во средните години не е “грешка” на жената.
Зголемување на телесната тежина започнува во перименопауза, години кои претходат на менопаузата. Тоа се должи на природно успорување на метаболизмот со возраста и губиток на мускулната маса, а пониското ниво на естроген води до натрупување на повеќе масно ткиво околу половината.
Подобрување на метаболизмот е една од клучните алки во ланецот. Колку калории согорува телото зависи од повеќе фактори. Полот (мажите согоруваат повеќе калории), генетиката и возраста се фактори кои не можеме да ги контролираме. Телото согорува калории и кога ништо не прави, тоа е базален метаболизам кој е поголем кај лица со поголема мускулна маса. Мускулите согоруваат 2-3 пати повеќе калории отколку што согорува масното ткиво.
По 40-тата година метаболизмот се успорува и поради губитокот на мускулна маса. За да се одржи мускулната маса, да се активираат мускулите и да се зголеми стапката на метаболизам се препорачуваат вежби за сила со тежини. Физичката активност помога за согорување на калориите и одржување на тежината, подобро расположение, поздрав сон и повисоко ниво на енергија.
При дехидратација метаболизмот се успорува. Водата е потребна за процесирање на калориите. Се препорачува пиење на вода и внес на зеленчук и овошје кои се богати со вода (лубеница, диња, јаболки, портокали, грејпфрут, краставици, тиквици, зелена салата, зелка).
Почесто јадење на помали оброци го одржува метаболизмот во погон и се горат повеќе калории. Кога се јадат големи оброци со големи паузи помеѓу, метаболизмот се успорува помеѓу оброците. Лица кои јадат почесто по помалку не се прејадуваат за време на главните оброци.
Лутата храна има природни материи кои привремено го забрзуваат метаболизмот.
Организмот согорува повеќе калории при преработка на белковините отколку при обработка на мастите и шеќерите. Здрави извори на белковини: немрсно месо, риба, јадки, грав, леќа, грашок, јајца, млечни продукти.
Кофеинот дава енергија, истрајност, концентрација и краткотрајно забрзување на метаболизмот.
Зелениот чај со комбинацијата од кофеин и катехини го забрзува метаболизмот за неколку часа.
Енергетските пијалоци содржат материи (кофеин, таурин) кои го забрзуваат метаболизмот и согорувањето на масти. Несакани ефекти – зголемување на крвниот притисок, вознемиреност, анксиозност, пореметено спиење.
Брзите диети со внес на помалку од 1200 кал. за жени или помалку од 1800 кал. за мажи треба да се избегнуваат. Овие диети работат на кратки релации, тешко се одржливи за подолг временски период. Килограмите се намалуваат но се губи и мускулна маса и се успорува метаболизмот. Се случува да по звршување на диетата телото гори помалку калории и тежината се враќа, дури и повеќе килограми се додаваат. Мали промени во навиките во исхраната е подобар пристап за долготрајно здравје и среќа.
Телото нормално се менува во текот на животот. Важно е да се јаде здрава нутритивна храна и да се биде физички активен за да се има добро чувство. Балансот во животот и малите уживања секој ден зправат да се чуствувате добро и покрај некој килограм вишок.