Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Телото има природен систем за одбрана од бактерии и вируси кој ги штити белите дробови. Кивањето е еден од начините на заштита. Но ако патогените се силни и организмот не може да се справи тогаш белите дробови се инфицираат.
Пневмонија настанува кога бактерија, вирус или габичка навлезе во белите дробови, во едното или во двете белодробни крила. Тоа предизвикува малите меурчиња, алвеолите, да се воспалат и исполнат со течност или гној.
Инфекцијата се пренесува со близок контакт, со кивање и кашлање се ослободуваат многубројни ситни капки во воздухот кои се извор на инфекција за околината.
Пневмонијата е сериозно заболување, особено за деца, возрасни, лица со други здравствени проблеми или ослабен имунолошки систем.
Клиничката слика може да е од блага до тешка, животно загрижувачка.
Симптомите варираат од обликот, блага или тешка форма, причинителот, возраста на болниот, општото здравје. Висока температура, треска, краток здив, градна болка, упорна длабока кашлица со густ секрет, искашлок, малаксалост, умор, главоболка, мускулни болки, гадење, повраќање, дијареа. Постарите лица може да немаат покачена температура. Пневмонија од бактеријата Легионела се шири преку вода и може да ја има во еркодишни, топли кади хидромасажери, распрскувачи во продавници за храна.
Причинители – бактериите (пнеумокок, Streptococcus pneumoniaе) се најчести причинители. Организми слични на бактериите – Mycoplasma pneumoniae, даваат поблага форма на пневмонија која не бара одмор во легло, “пневмонија на нога.” Вируси – особено вирусите на грипот; кај деца. Габички – пнеумоцистична пневмонија, особено кај лица со намален имун систем (ХИВ, СИДА); од почвата или измет од птици.
Не секогаш може да се открие кој е предизвикувачот на пневмонијата.
Компликации – отежнато дишење и намалена оксигенација, плеврален излив, апсцес на белите дробови, бактериемија (бактериите од белите дробови влегуваат во крвта, може да дојдат до други органи и да ги оштетат).
Дијагноза – распит на болниот (скоро патување, изложеност, контакт со болен), физички преглед – аускултација, крвни тестови, рентген снимање, тестирање на спутум, пнеумослајд.
Третман – одмор во легло, внес на течности, лекови против висока температура и болка, антибиотици.