Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Периферната артериска болест (ПАБ) е хронична болест на стеснување на периферните артерии кои носат крв од срцето во другите делови на телото. Периферната артериска болест често е предизвикана од атеросклероза. Постепено се формираат масни плаки на артериите. Прво плаката го стеснува луменот на артеријата и се намалува крвниот проток. Ако плаката стане инфламирана може да руптурира и да предизвика создавање на тромб. Тромбот понатаму го стеснува луменот на артеријата или комплетно го блокира. Ако блокадата остане во периферните артерии на ногата предизвикува болка, промени на бојата на кожата, потешко одење и ранички или чиреви.
Поретко, причина за периферна артериска болест може да биде воспаление на крвните садови, повреда на екстремитетите, невообичаена анатомија на лигаментите или мускулите или изложеност на зрачење.
Релативно честа болест е, може да се јави на секоја возраст но најчесто е над 65год.
Ризик фактори: пушење, висок крвен притисок, висок холестерол и/или триглицериди, бубрежна слабост, дијабетес, обезност и генетски фактори, фамилијарна историја за кардиоваскуларни болести. Најголем ризик има кај лица со дијабетес кои се пушачи.
Многу пациенти немаат или имаат благи симптоми.
Симптомите на клаудикација вклучуваат замор, болка или грчеви во мускулите на нозете кои се предизвикани од активност, одење, качување по скали и исчезнуваат по неколку минути одмор. Повторно се јавуваат кога ќе се започне со активноста, со одење. Најчесто е на подколеница, но може да се јави на надколеница, колк, задник.
Вкочанетост или слабост на нозете
Студенило на подколеница и стапало
Промена на бојата на кожата
Ранички на прсти, стапало и подколеница кои не зараснуваат
Побавен раст на влакната на нозете и ноктите на прстите на стопалата
Слаб пулс на наозете или стапалата
Тежината на калудикација силно варира. Ако болеста напредува болка во прстите на нозете или стапалата може да има и во тек на одмор или лежење.
Најчеста компликација е критична искхемија на екстремитетите – повреда или инфекција со отворени рани кои не заздравуваат, на прст или на стопало, често на местата на притисок на стопалото. Чирот може да прогредира во гангрена и да е потребна ампутација.
Пациенти со ПАБ имаат поголем ризик за коронарна артериска болест, срцев и мзочен удар.
Мерки на претпазливост
Прекин на пушење
Добра контрола на гликемијата
Регуларна физичка активност
Одржување на здрава телеснат тежина, помал внес на сол и масти.