Д-р Ели Андонова, сопственик на ПЗУ „Дорабела естетик“
Иако навидум наивна процедура, редовното миење на забите е особено важен дел од оралната хигиена на секој поединец. Редовното и детално чистење на забалото овозможува здрава средина, а со тоа превенција од појава на болести на забите нивниот потпорен апарат (гингивата, коската и околното ткиво).
Порано под орална хигиена сугериравме чистење на забите два пати во денот, наутро и навечер пред легнување. Современите истражувања пожаа дека, бактериите кои потекнуваат од храната делуваат најинтензиво веднаш по завршување на оброкот. Тогаш е и најголемиот ризик од појава на кариес. Затоа чистењето на забите би било најдобро да е после секој оброк, секогаш кога сме во можност за тоа. Миењето на забите е едностава процедура, но има определени техники за правилно чистење како би го заштитиле и унапредиле забното ткиво.
Забите никогаш не треба да се чистат со хоризонтални движења. Таквата сила го разјадува забот во неговиот врат и со текот на времето се оштетува забното ткиво, се јавуваат пукнатини (ерозии) во вратот на забите и таквите заби се со зголемена чувствителност.
Секогаш чистењето е со вертикални движења кои може да се кружни и тоа во горната вилица, од горе према доле, а во долната од доле према горе. Значи на децата велиме, во горната вилица како што паѓа дождот, а во долната како што расте тревата, за да се меморира како основен правец на движење. Тоа е правилниот правец. Секој заб посебно треба да се чисти од надвор и внатре, а целата процедура треба да трае најмалку 3 минути. Само неколку секунди кои се наметнати од ова интензивно темпо на живот не се доволни за темелно чистење и правилна хигиена.
Изборот на четка треба да е прилагоден на типот на забалото и достапноста на сите заби. Најчесто четката треба да е со рамни влакна, медиум дебелина на влакната со помала глава за да ги опфати сите заби. Препорака е четкиците да се заменуваат на 3-5 месеци.
Покрај правилната техника на чистење обврзна е употреба на забен конец. Со негова помош се чистат меѓупросторите помегу забите, на тој начин се отстрануваат бактериите и плакот кои се недостапни за четката. Без забен конец 1/3 од забната површина не е целосно чиста и затоа неговата употреба треба да е секојдневна. Само на тој начин хигиената на забалото е задоволителна.
Забниот конец се обмотува на показалецот од двете раце на растојание од 5 цм. Со движење напред-назад се поставува во меѓупросторот без притисок. Откако ќе влеземе во меѓупросторот се чисти едната па другата површина со повлекување. Иако делува потешко, сосема е едноставно и со малку труд на почетокот потоа поминува во рутина.
Консултирајте се со вашиот стоматолог за техниката на четкање и употребата на забен конец. Овие навидум едноставни и наивни работи, ќе го продолжат векот на вашите заби и ќе ја унапредат состојбата на вашата усна празнина. Морам да напоменам, дека на овој начин нема да го исчистите создадениот забен камен, и дека неговото чистење кај вашиот стоматолог е обврзно, во зависност од склоноста на вашиот организам за негово создавање.