Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Ноќните грчеви во нозете се болни неволни контракции, спазми на мускулите, најчесто во легло. Грчот се чувствува како мускул стегнат во јазол, непријатно е, некогаш и неподносливо. Се случуваат одеднаш, нема предупредувачки знаци. Пределот каде мускулите биле во грч може да е боли и неколку часа откако грчот ќе попушти.
Обично ги зафаќаат мускулите на подколениците, стопалото или надколениците. Траат неколку секунди до неколку минути. Влијаат на квалитетот на живот и на спиењето зашто будат од сон. Честотата на јавување варира од особа до особа. Често се јавуваат и генерално се безопасни.
Може да се јават во било која возраст, најчесто по 60 година. Со возраста тетивите (ткивото кое ги припојува мускулите на коските) се скратуваат.
Најчесто нема позната причина за појава на грчевите. Генерално, се поврзуваат со замор на мускулите (вежби со висок интензитет) или проблеми со нервите (неволни испуштања на импулси), долго или несоодветно седење. Во некои случаи се симптом на друга здравствена состојба.
Околу 40% бремени жени имаат грчеви поради дополнителната тежина која ги затегнува мускулите и електролитен дизбаланс.
Ноќните грчеви може да се помешаат со клаудикација, периферна неуропатија, миозитис. Синдромот на немирни нозе некогаш се меша со ноќните грчеви, се јавуваат ноќе и во мирување, но се две посебни состојби. Кај синдромот има чувство како нешто да вé ползи што тера постојано да се движат нозете, создава немир и непријатност но болка нема.
Состојби кои може да се асоцирани со грчеви:
Периферна артериска болест, Спинална стеноза, Амиотрофична латерална склероза (прогресивна неуромускуларна болест)
Дехидрација, дијареа, мускулна слабост, алкохолизам, рамни стопала, тромбоза, оштетување на нервите (хемотерапија), остеоартритис, Паркинсонова болест
Бубрежна слабост, Адисонова болест (адренална инсуфициенција), анемија, цироза на црн дроб, хипер или хипотироидизам, тип 1 и тип 2дијабетес (дијабетична невропатија).
Одредени лекови може предизвикаат грчеви: диуретици, статини, антиконвулзиви, анксиолитици, конјугирани естрогени.
Активности за намалување на ризикот за појава на ноќни грчеви – внес на доста течности за да се избегне дехидрација, намален внес на кофеин и алкохол, спиење со нозете подигнти на перница, благо истегнување на мускулите на нозете пред легнување (одење на трака, возење статичен велосипед), удобни обувки кои го поддржуваат стопалото.
Активности кои помагаат во ослободување на грчевите – истегнување на ногата со свиткување на стопалото нагоре, масажа на мускулите со раце или со мраз, топла облога или бања, стоење/притисок со стопалото на подот, одење или тресење на ногата,
Да се консултира доктор ако грчевите се тешки и упорни, ако се јават по изложување на токсини (олово, жива), ако се развива мускулна слабост и атрофија на ногата треба.