Oториноларинголог д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Што е тоа носна полипоза
Носна полипоза е болест на лигавицата на носот и параназалните синуси. Полипозата е дел од воспалителната реакција која ја зафаќа лигавицата на носот и синусите.
Се карактеризира со создавање на бенигни мекоткивни израстоци на лигавицата наречени полипи. Полипите претставуваат задебелена и отечена лигавица. Тие се жолтеникаво бели, делумно проѕирни, меснати творби кои висат на тесна или широка петелка. Исполнети се со воспалителна течност.
Освен во носот се појавуваат и во параназалните синуси, највеќе во етмоидниот синус, па поради тоа болеста уште се нарекува и риносинусна или синоназална полипоза. Најчесто се локализирани во горниот дел на носот и околу отворите на параназлните синуси, а се шират во носната шуплина. Во случај на поголем број полипи се зборува за полипоза.
Појавата на полипи е поврзана со астма и други хронични болести на дишните патишта. Полипи во нос и синуси можат да се појават и при алергиска реакција на носно синусната лигавица, а и при чести инфекции на лигавицата. Можат да се најдат и кај пациенти кои се преосетливи на аспирин. Кај 1-4% од пациентите со овие состојби може да се создадат полипи. Ретко се среќаваат кај деца до 10 годишна возраст.
Кои се симптомите на носната полипоза
Основен симптом на кој се жалат сите пациенти е затнатост на носот и отежнато дишење преку нос. Затнатоста најчесто е двострана но може да биде еднострана и зависи од бројот на полипи и нивната големина. Во малку поодмината фаза полипозата доведува и до намалување, па и губење на сетилото за мирис. Тоа подоцна доведува и до намалување на осетот за вкус.
Кај половина од пациентите се јавува и обилна воденкаста секреција од носот. Може да се манифестира и со кивање, најчесто во серии, слично како кај алергиски ринитис. Пациентите имаат назален говор и чувство на притисок во лицето.
Растот на полипите може да доведе до затнување на природните отвори на синусите, што ја отежнува нивната вентилација и елиминација на секретот. Тоа доведува до инфекција на синусите што се манифестира со чувство на притисок и болка во челото лицето и носот. Кај дел од пациентите се јавува и долготрајна хронична кашлица.