Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Мочниот меур (бешика, уровезика) е шуплив орган сместен во карлицата, во долниот дел на стомакот. Има функција да ја складира урината и да ја отстрани од телото. Мускулите и нервите работат заедно за да ја задржат урината и да ја ослободат во вистинско време преку сложен круг на комуникација, нервите носат порака помеѓу бешиката и ′рбетниот мозок и мозокот во две насоки. Пораките им кажуваат на мускулите на бешиката да се стегнат или да се опуштат. Кај неврогената бешика овие нерви не работат соодветнно.
Кога невролошки состојби влијаат на бешиката таа се нарекува неврогена бешика. Има два типа на проблеми поврзани со контрола на мочниот меур кои се асоцирани со неврогена бешика. Во зависност од нервите кои се зафатени и природата на оштетувањето бешиката може да биде преактивна (спастична или хиперрефлексивна) или неактивна (флакцидна или хипотонична).
Уринарна инконтиненција се јавува кога не може да се контролира протокот на урина. Проблем е ако особата не може комплетно да ја испразни бешиката или почнува да се празни пред особата да стигне до тоалет (преактивна бешика). Истекување се јавува кога бешиката не може да се испразни потполно, ако не работи сфинктерот кој го контролира мокрењето (стрес инконтиненција) или поради спазми на бешиката кои ја стегаат пред особата да стигне до тоалет (ургентна инконтненција).
Причини
Неврогената бешика може да биде конгенитална (постои при раѓање). Вродени дефекти кои може да предизвикаат неврогена бешика: спина бифида (миеломенингоцела, ′рбетниот мозок на фетусот не се развива комплетно), сакрална агенезија (недостасуваат делови од долен дел на ′рбет), церебрална парализа (пореметувања кои ја ослабуваат способноста за контрола на телото и движењата).
Медицински состојби кои може да предизвикаат неврогена бешика: мозочен удар, Паркинсонова болест, Мултипла склероза, дијабетес, повреди, операции и тумори на ′рбетен мозок и мозок, еректилна дисфункција, труење со тешки метали.
Симптоми: неможност за контрола на мокрењето (најчесто), мал волумен на урина, слаб млаз или капење, често мокрење (повеќе од 8 пати на ден), ургентност, итност (чувтсво, потреба за мокрење веднаш), болно мокрење, инфекција, каменчиња.
Третманот е насочен во спречување на компликации, повраток на урина назад во бубрезите и нивно оштетување.
Повремена, интермитентна катетеризација, лекови – во зависност дали е преактивна (не може да се држи урина, честа ургентност за мокрење) или неактивна (не се празни кога е полна) или двете, превентивно антибиотици.
Ботокс – инјекција на ботулинум А токсин во мускулот на бешиката.
Електрични помагала за стимулација или за намалување на активноста на бешиката.
Хируршка интервенција, цистопластика, цистостома.
Промена на животниот стил – избегнување на храна и пијалоци кои ја надразнуваат бешиката, кофеин, газирани пијалоци, лута храна, цитрусно овошје, намалување на тежина (кај обезни), “одложено мокрење” за контрола на урината.