Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Постојат неколку почести состојби на тестисите и скротумот:
Хидроцела е акумулација на течност околу тестисот, може да биде на еден или на двата тестиса. Може да предизвика оток во предел на скротум или на препони, блага болка и осетливост. Кај возрасни мажи најчесто е после повреда, воспаление, инфекција на тестисите или епидидимот.
Варикоцела се проширени, варикозни вени во скротумот, почесто на лева страна, предизвикува чувство на влечење, тежина. Најчесто е безболна и безопасна состојба. Важна е поради тоа што може да влијае на плодноста, производството на сперма, и квалитетот. Понекогаш може да предизвика болка и оток. Некои варикоцели бараат хируршки третман.
Епидидимитис е воспаление или инфекција на епидидиисот најчесто предизвикано од повреда или сексуално преносливи болести. Симптоми: болка, од блага до силна, црвенило и оток на тестисот или скротумот, треска, гадење, повраќање.
Орхитис е воспаление на тестисот. Најчесто е бактериска или вирусна инфекција; заушките се честа причина за орхитис. Сексуално преносливбите инфекции, хламидија и гонореја може да доведат до орхитис и епидидимитис, орхиепидидимитис. Се јавува оток, црвенило, болка, осетливост и може да води до неплодност.
Сперматоцела е сперматична циста, исполнета со течност која се формира во епидидимитисот. Малите цисти не даваат симптоми. Поголемите цисти може да предизвикаат болка, чувство на тежина, оток над тестисот. Големите цисти кои даваат симптоми хируршки се решаваат.
Торзија на тестис настанува кога се извртува сперматичната врвка и се прекинува снабдувањето со крв во тестисот. Ова е итна медицинска состојба, бара итен третман за да се спаси тестисот, да се избегне трајно оштетување и отстранување на тестисот. Ненадејно се јавува силна болка и
осетливост на тестисот и скротумот, можен е и оток, треска, гадење и повраќање. Не може да се превенира.
Рак на тестиси е најчест карцином кај мажите на возраст меѓу 20 до 35 години. Обично се создава безболна грутка, цврстина која бавно расте во едниот тестис. Ако рано се открие и третира има добра прогноза.
Крипторхизам или неспуштен тестис е состојба кога тестисoт не е спуштен во скротум, скроталната кеса е празна. Најчесто е едностран.
Хипогонадизам е состојба кога тестисите не произведуваат доволно хормон тестостерон. Може да предизвика еректилна дисфункција, намален сексуален нагон, неплодност, намалена мускулна маса, остеопороза, зголемување на градите, намалена влакнетост на телото и брадата, депресија, замор. Може да се третира со заместителна терапија, тестостерон.
Болка во тестисите и скротумот се јавува и при други состојби: каменчиња во бубрези и уретер, каменче и инфекција на бешика, простата, ингвинална хернија.
Ако имате болка, оток, грутка, осетливост во тестисите веднаш треба да консултирате лекар за да се исклучат сериозни состојби како торзија на тесрис, карцином.