Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Уринарниот систем, бубрезите, уретерите, мочниот меур и уретрата, има витална улога во одржувањето на целокупното здравје и секое нарушување на функцијата води до значителни компликации. Различни видови бубрежни заболувања може да ја нарушат бубрежната функцијата, предизвикувајќи штетните материи да се акумулираат во телото.
Фактори на ризик за хронична бубрежна слабост: • дијабетес • висок крвен притисок • дебелина (БМИ> 30 Kg / m²). • кардиоваскуларна болест (коронарна срцева болест, мозочен удар, периферна васкуларна болест, срцева слабост) • семејна историја на хронична бубрежна болест • нефротоксични агенси, лекови.
Главни симптоми на бубрежна болест: – висок крвен притисок – оток околу очите и нозете – слабост – гадење и повраќање – тешкотии со мокрење – пeчење, болно мокрење – често мокрење, особено ноќе – променета урина, крвава, со пена – болка во долниот дел на грбот
Најчестите видови на бубрежни заболувања
Дијабетична болест на бубрезите е компликација на дијабетесот. Високото и неконтролирано ниво на шеќер во крвта на долг рок ги оштетува крвните садови во бубрезите.
Камења во бубрезите се формираат од акумулација на одредени супстанции, соли и минерали (урична киселина, калциум, оксалати. фосфати) кои се таложат и формираат кристали кои се поврзuvaat меѓу себе како каменчиња.
Фактори на ризик: мал внес на течности, исхрана богата со сол и протеини, дебелина, медицински состојби (хиперпаратироидизам, повторувачки инфекции). Генетиката игра улога, ако имате семејна историја на бубрежни камења, ризикот е поголем.
Инфекцијата на уринарниот тракт најчесто е предизвикана од бактерии (ешерихија коли) кои влегуваат во уринарниот тракт преку уретрата и се размножуваат во мочниот меур (циститис). Жените се поосетливи бидејќи нивната пократка уретра овозможува бактериите полесно да стигнат до мочниот меур.
Инфекција на бубрег (пиелонефритис) најчесто е предизвикана од бактериска инфекција која потекнува од мочниот меур. Симптоми: болка во половината или грбот, температура, треска, замор, гадење, повраќање, болно мокрење, крвава урина или урина со гној.
Гломерулонефритис е обострано абактериско воспаление на бубрезите, предизвикано од имунолошки механизми.
Солитарните бубрежни цисти се чести по 50-годишна возраст. Се дијагностицираат со рутински ехо прегледи и обично не предизвикуваат проблеми или симптоми.
Полицистичната бубрежна болест е бавно прогредирачка болест. Се одликува со појава на многу цисти во бубрезите, менувајќи ја нивната големина и функција. Предизвикана е од генетски абнормалности наследени од родителите.
Преактивен мочен меур се јавува кога мускулите во мочниот меур неволно се контрахираат, што доведува до ненадејна и силна потреба за мокрење, неволно истекување на мали количини на урина (инконтиненција).
Тумор или рак на бубрегот е цврста, мекоткивна промена. Ризик фактори се пушење и голем внес на алкохол.
Хронична бубрежна болест е термин за хетерогени промени кои влијаат и на структурата и на функцијата на бубрезите, со повеќе причини и фактори на ризик. Бубрезите ја губат способноста да филтрираат отпадни материи, соли и течности од крвта. Има асимптоматска еволуција и дијагнозата се поставува доцна.
Раната дијагноза и третман се од суштинско значење за ефикасно управување со овие состојби и за подобрување на квалитетот на животот.