Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Жолчноте кесе е мал орган кој складира жолчка што ја создава црниот дроб и ја излачува во тенкото црево за да помогне во разградување на храната.
До 15% од популацијата може да имаат жолчни каменчиња, но само 20% од нив имаат симптоми или компликации.
Холелитијаза, каменчиња – најчеста причина за проблеми со жолчката. Се создаваат кога вишокот жолчни производи во жолчното кесе се акумулира во грутки кои може да растат и да се таложат. Може да имате каменчe во жолчното кесе и никогаш да немате симптоми. Ако го блокираат протокот на жолчката се јавува болка, воспаление, оток на зидот на жолчното кесе што прави дополнителен притисок.
Холециститис, воспаление; знак за инфекција, блокада на жолчното кесе, функционална опструкција или рак. Најчесто е од каменчиња кои го блокираат протокот на жолчката. Хроничното воспаление предизвикува лузни на ткивото, гангрена, перфорирација на жолчното кесе.
Билијарна дискинезија, функционално нарушување, проблем со способноста на жолчното кесе да ја придвижува жолчката во жолчните канали. Жолчката се враќа, стои во жолчното кесе и води до хронично воспаление. Вклучени се мускулите и нервите.
Гангрена, сериозна компликација на хроничен холециститис. Постојаниот оток и дистензија водат до изумирање на ткивото и ризик од перфорација, кинење на зидот на жолчното кесе и развој на перитонитис, инфекција во стомачната празнина.
Канцер на жолчно кесе или жолчните канали е редок, но сериозен. Симптоми најчесто нема до понапредните фази. Повеќето полипи се безопасни. Но полип кој е поголем или брзо расте треба да се отстрани.
Холангиопатија е секоја болест на жолчните канали. Започнува со холангитис, воспаление на каналите како последица на воспаление, блокада или автоимуна болест, примарен билијарен холангитис. Хроничниот холангитис завршува со лузни и стеснување на каналите, билијарна стриктура и враќање на жолчката во жолчното кесе.
Фактори на ризик:
– исхрана со многу масти
– прекумерна тежина
– возраст над 60 години
– женски пол; естрогенот го зголемува холестеролот и го забавува празнењето на жолчното кесе
– фамилијарна историја, 25% од болестите на жолчното кесе одат по фамилии
– дијабетес
– Кронова болест
– цироза на црн дроб
– српеста анемија, акумулација на билирубин во жолчното кесе
– тотална парентерална исхрана
Знаци и симптоми:
Билијарна колика – болката е прв симптом дека нешто се случува. Блокада на жолчните патишта предизвикува притисок во жолчното кесе и каналите, оток поради воспаление, стеснување на канал. Почнува како досадна болка под десниот ребрен лак, може да зрачи кон десно рамо и напред во стомакот. Се јавува гадење и повраќање. Може да трае неколку часа, да помине и повторно да се јави.
Акутен холециститис – постојана блокада, воспаление или тумор во жолчното кесе предизвикува акутно воспаление, поинтензивна верзија на билијарната колика: гадење, повраќање, треска и температура. Болката е попостојана и силна. Може да се јави жолтило, темно пребоена урина, светла столица.
Хроничен холециститис – поумерени симптоми; тешкотии во варење на храната, надуеност, гасови, гадење или дијареа по јадење. Бидејќи нема болка може подолго време да остане недијагностициран.
Компликации:
Холангитис – воспаление, инфекција и/или блокирање на жолчните канали.
Цироза на црн дроб – оштетување на функцијата на црниот дроб.
Панкреатитис – воспаление на панкреасот, може да е животно загрозувачко.