Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Со возраста се забавува процесот на варење предизвикувајќи храната побавно да се движи низ гатсроинтестиналниот тракт, од желудникот низ цревата. Колку подолго храната останува во дигестивниот тракт, поголема е можноста за производство и насобирање на гасови што предизвикува надуеност.
Одредена количина на гасови нормално е да се акумулира во текот на денот, дури и кога не јадеме. За време на варење н храната се создаваат мали количини на гасови. Премногу гасови во цревата предизвикува стомакот да се надуе со чуство на притисок и непријатност. Телото добро го отсранува вишокот гасови, со подригнување или со испуштање на гасови од цревата. Повремената надуеност не е причина за загриженост.
Најдобриот пристап за справување со надуеноста е преку модифицирање на исхраната, решавање на запекот и избегнување на внесување вишок воздух.
Ако страдате од повторлива надуеност, тоа обично е предизвикано од храна. Проблемот најчесто не е во тоа што јадете, туку во тоа како реагира вашето тело. Многу луѓе имаат тешкотии со варење на одредени шеќери, пченица, ‘рж, мешунки, кромид, лук, мед, ф’стаци, индиски ореви, некои овошја, храна или пијалоци со фруктоза или вештачки засладувачи. Овие шеќери предизвикуваат зголемена ферментација од цревните бактерии и се создаваат повеќе гасови. Некои луѓе реагираат посилно од другите.
Луѓето кои имаат потешкотии со варењето на лактозата во млечните производи, не произведуваат доволно ензим лактаза кој ја разградува лактозата.
Внес на храна богата со масти може да доведе до надуеност бидејќи мастите го забавуваат празнењето на желудникот.
Прекумерната надуеност може да е предизвикана од хроничен запек, помалку од три празнења на цревата неделно, тврда или сува столица, потреба од напрегање за движење на цревата и чуство на нецелосно празнење.
Ако надуеноста стане почеста или потешка за справување, може да биде симптом на некој дигестивен проблем:
– синдром на иритабилни црева кога покрај надуеност има и грчеви, болки во стомакот и нередовни празнења на цревата
-воспалителна болест на цревата, улцерозен колитис и Кронова болест
-целијачна болест, автоимуна болест, имунолошкиот систем го напаѓа тенкото црево. Нападите се предизвикани од глутен, протеин кој се наѓа во пченицата, јачменот и ‘ржта.
Во ретки случаи, надуеноста може да биде симптом на рак на дебелото црево, желудникот или панкреасот. На доктор треба да се обратите ако надуеноста стане сериозна или ако има и други проблеми, крвава или црна столица, губиток на тежина или постојана дијареа.
Бидејќи повеќето периоди на повторлива надуеност се поврзани со исхраната, се препорачува пронаоѓање на проблематичната храна. Најдобро е храната да се елиминира една по една, а потоа повторно да се воведува за да се види дали предизвикува надуеност.
Треба да се исклучат газираните пијалоци и да се внимава при јадењето. Јадење премногу брзо или големи количини, зборување при јадење (се голта вишок на воздух), може да предизвика надуеност. Јадењето побавно и консумирање помали оброци помага да се намали внесувањето премногу воздух.