Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Мононуклеозата е заразна инфекција предизвикана од херпес вирус, Epstein-Barr вирус, ЕБВ. Се нарекува болест на бакнеж затоа што лесно се пренесувва со телесните течности како плунка. Не се смета за многу сериозна болест, иако симптомите и опоравувањето може да траат и еден месец што подразбира отсуство од училиште, работа. Не сите лица кои се носители на ЕБВ развиваат болест и имаат симптоми.
Болеста се пренесува преку плунка, со бакнеж, кивање, кашлање, делење на иста чаша за пиење или храна.
Инфекцијата е честа помеѓу тинејџери и млади возрасни, но може да ги зафати и децата кои често немаат симптоми и инфекцијата кај нив поминува непрепознаена. Има два пика кога најчесто се јавува – кај деца кои започнуваат со училиште и во адолесценцијата.
ЕБВ е од групата на херпес вируси но се разликува од херпес симплекс вирусот кој предизвикува генитален и орален херпес. И двата вируса може да се сексуално преносливи. Други вируси и инфекции исто така може да предизвикаат мононуклеоза: аденовирус, ЦМВ, хепатитис А, Б и Ц, ХСВ, ХИВ, рубела.
Вирусот е високо заразен, се добива преку контакт со телесна течност од заразенно лице. Се пренесува со плунка (бакнеж), трансфузија на крв, кивање или кашлање, сексуален контакт, делење на заедничка храна, пијалоци и прибор за јадење, трансплантација на органи.
Иако вирусот останува во телото во инактивна форма откако симптомите ќе ги снема повеќето лица болест развиваат само еднаш.
Ако вирусот се реактивира, симптоми ретко се јавуваат. Но лицето без да знае го шири реактивираниот вирус на другите. Лица со ослабен имунитет може да развијат симптоми повеќе пати.
Вирусот има период на инкубација од околу четири до шест недели. Симптомите варираат од благи до тешки, се развиваат постепено. Симптомите траат неколку недели: изразена слабост, температура, главоболка, губиток на апетит, мускулна слабост, раш по кожата, суво и болно грло, зголемена слезенка или црн дроб, отечени лимни јазли на врат, пазуви или препони. Малаксалоста и отечените лимфни јазли и слезенка може да траат повеќе недели.
Повеќето возрасни биле изложени на ЕБВ и создаваат антитела. Затоа тие се имуни и не добиваат мононуклеоза.
ЕБВ може да перзистира во плунката со месеци по инфекцијата. Не постои вакцина за превенција на мононуклеоза.
Антибиотици и други антивируси лекови не делуваат на болеста. Третманот е насочен кон ублажување на симптомите: одмор, доволно сон, внес на течности (хидрирање), лекови за намалување на болките и температурата, гаргара на грлото со солена вода. Треба да се прекине со било каква физичка активност и спорт.
Најсериозна и животно загрозувачка компликација која ретко се јавува е руптура на зголемената, отечена слезенка.
Прогнозата е добра. Болеста е многу посериозна кај лица со намален имунитет, тие со ХИВ/СИДА, лица кои се на имуносупресивна терапија (после трансплантација).