Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Здрава урина може да има различен мирис. Под нормални услови мирисот е релативно благ и не толку забележлив, генерално не мириса силно и непријатно. Одредени ситуации може да предизвикаат урината да има невообичаен, непријатен мирис. Ако урината постојано мириса лошо или има силен непријатен мирис може да се работи за некаков здравствен проблем.
Урината главно се состои од вода. Мирисот доаѓа од различното количество на отпадни материи излачени преку бубрезите. Ако урината е силно концентрирана и содржи многу отпадни материи, може да има силен мирис.
Некои видови на храна (аспарагус кој природно содржи сулфурни компоненти) и некои лекови, вклучувајќи и витамини, содржат материи кои даваат специфичен мирис.
Мирис на урината може да се јави во која било возраст и кај мажи и кај жени, може да има и пропратни симптоми како пенлива урина, облачеста, крвава урина, болка при уринирање, треска, температура.
Повеќето промени на мирисот на урината се времени и не значат сериозна болест, особено ако нема и други симптоми. Мирисот на урината може да е симптом на различни болести на уринарниот тракт или други болести
Бремени жени – имаат зголемено ниво на хормонот hCG. Ова може да предизвика урината да има посилен мирис, особено во рана бременост. Но, жените исто така имаат и зголемен осет за мириси во тек на бременост. Кај бремени дехидратација води до повеќе урична киселина во урината што создава силен мирис.
Дехидратација – се јавува кога не се внесува доволно течност во организмот. Тогаш урината може да е потемно жолта и да мириса на амонијак. Со пиење доволно течности, особено вода, мирисот на урината се враќа на нормала. Да се внимава на фактот дека алкохолот и кафето се диуретици, што значи дека тераат повеќе да се мокри. Најдобро е да се пие чиста вода.
Инфекции на уринарните патишта. циститис – предизвикуваат силен мирис на урината.
Полно преносливи болести – непријатен, лош, нечист мирис.
Дијабетес – чест симптом е урина со благ, овошен мирис особено ако дијабетесот е нетретиран и/или нерегулиран.
Фистула на мочен меур – абнормална врска меѓу цревата и мочниот меур, повреда или дефект кој овозможува бактериите од цревата да влезат во мочниот меур. Фистула може да се јави при хируршки интервенции или заболувања на цревата (улцеративен колитис, Кронова болест).
Болести на црн дроб, хепатална слабост – даваат мирис на мувла.
Фенилкетонурија – генетско заболување кое се прјавува при раѓање. Поради неможност да се разгради аминокиселината фенилаланин, метаболити се јавуваат во урината и таа мириса на “глувци.”
Maple sugar urine болест – ретка генетска болест која се јавува кај бебиња (не може да се разградат амино киселините леуцин, изолеуцин и валин) која предизвикува урината да мириса на јаворов сируп.
За поставување на дијагноза, дали променетиот мирис на урината се должи на некоја медицинска состојба, може да е потребно да се направи анализа на урината, уринокултура, ехосонографија, цистоскопија.