Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Метаболен синдром е збир на ризик фактори кои ја зголемуваат можноста за развој на срцева болест, мозочен удар и дијабетес. Познат е и под други имиња како Синдром Х, Синдром на инсулинска резистенција и Дисметаболен синдром.
Метаболниот синдром е сериозен здравствен проблем, зафаќа 35 % од возрасната популација. Бројот на лица се зголемува со возраста, афектирајќи повеќе од 40% лица на возраст од 60-70 години.
Причините се зголемена телесна тежина и гојазност, физичка неактивност и генетски фактори; примарно е предизвикан од гојазност и неактивност.
Се дијагностицира ако има три или повеќе од следниве наоди:
– обем на струк од ≥102цм за мажи и ≥80цм за жени
– крвен притисок ≥130/85ммХг или веќе ординирана терапија за висок крвен притисок
– триглицериди над 1.7ммол/л
– глукоза на гладно над 5.6ммол/л или веќе ординирана терапија
– ХДЛ ≤1.03 ммол/л за мажи и ≤1.29ммол/л за жени.
Метаболен синдром типично имаат лица со централен тип на гојазност (зголемена количина масно ткиво на стомакот, околу половината), лица со Дијабетес или силна фамилијарна историја за Дијабетес, лица со други клинички одлики на “инсулинска резистенција,” полицистичен оваријален синдром, неалкохолен масен црн дроб, одредени етнички групи.
Нема јасни физички симптоми. Со тек на време се јавуваат медицински проблеми асоцирани со метаболниот синдром.
Не се знае точната причина што го предизвикува. Многу одлики на метаболниот синдром се асоцирани со “инсулинска резистенција” – телото не го користи ефикасно инсулинот за да ја намали глукозата и нивото на триглицеридите. Инсулинот, хормон кој се создава во панкреасот, помага шеќерот да влезе во клетките и да се искористи како енергија. Кај лица со инсулинска резистенција, клетките не одговараат нормално на инсулинот и глукозата не може лесно да влезе во клетките. Резултат – расте нивото на глукоза иако телото се обидува да го контролира шеќерот со сé поголемо и поголемо излачување на инсулин.
Високо ниво на глукоза и инсулин предизвикува штетни промени во организмот:
– оштетување на зидот на артериите, клучен момент за развој на срцева болест или мозочен удар
– промени на бубрезите кои водат до зголемен крвен притисок
– зголемено ниво на триглицериди, што зголемува ризик од кардиоваскуларна болест
– зголемен ризик од тромбоза, срцев или мозочен удар
– намалено лачење на инсулин, што е сигнал за почеток на тип 2 Дијабетес.
Третманот бара решавање на повеќе ризик фактори заедно. Физичката неактивност и вишокот на тежина се главни за развој на метаболен синдром. Начини на кои може да се намали ризикот:
– намалување на тежина – 5-10% губиток на тежината придонесува за подобрување на способноста на телото да го искористи инсулинот и да ја намали шансата синдромот да премине во посериозна болест.
– зголемена физичка активност – го подобрува нивото на инсулин. Аеробните вежби, брзо одење, секој ден по 30мин. ја намалуваат тежината, крвниот притисок, го подобрува нивото на холестерол, го намалува ризикот за дијабетес. Се препорачува 150 мин. аеробни вежби неделно.
– промени во исхраната – јаглехидратите во исхраната не треба да се повеќе од 50% од вкупните калории. Внес на повеќе сложени јаглехидрати како цело зрно житарки, повеќе влакна со внес на повеќе легуминозна храна, овошје и зеленчук. Намален внес на месо и месни преработки. 30% од калориите треба да се од здрави масти како маслиново масло, јатки, сусам.