Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Мерењето на крвниот притисок е начин за спроведување на контрола и регулација на крвниот притисок на соодветен начин. Ако крвниот притисок се наоѓа во рамки на оптимални вредности се намалува можноста за несакани кардиоваскуларни болести.
Самоконтрола, мерење на крвниот притисок во домашни услови
На основа на едно поединечно мерење на крвниот притисок не може да се извлече заклучок дали притисокот е зголемен или не. Потребни се повеќе мерења, во тек на неколку дена и ако се измерат повисоки вредности може да се посомневаме за покачен крвен притисок. Тогаш е потрбна консултација со лекар кој ќе направи мерење, иследувања и ако има основа ќе постави дијагноза покачен крвен притисок (хипертензија). Утврдено е дека притисоците измерени во здравствена установа се повисоки од оние измерени дома. Како причина се смета дека е возбудата и стравот од прегледот, тоа е “бел мантил” феномен.
На основа на само едно мерење не може да се донесе заклучок за движењето на крвниот притисок. Потребно е следење на притисок одреден временски период, во различни периоди од денот.
Ако постојат големи варијации во текот на едно деноноќие и во тек на повеќе денови или недели најдобро решение е поставување на холтер. Холтерот го мери крвниот притисок во тек на 24 часа на зададени интервали. На тој начин лекарот ќе има најдобар увид за движењето на крвниот притисок и во кое време е оптимално да се даде антихипертензивниот лек.
Нормални вредности се до 120/80 ммХг, вредностите до 140/90 ммХг се сметаат за прехипертензија. Кога “горниот” притисок (систолен) ќе премине 140, а “долниот” 90 ммХг се смета дека постои хипертензија. За некои особи нормални се и пониски вредности на крвниот притисок, тие со тој притисок нормално функционираат и нема потреба од загриженост.
Со текот на годините се менуваат вредностите на крвниот притисок. Со стареењето и напредувањето на атеросклеротичните промени на крвните садови кои стануваат нееластични, крути, може да дојде до пораст на “горниот” притисок и намалување на “долниот” притисок.
Класичниот апарат со живин столб дава попрецизни мерења но е потежок за ракување. Денес за мерење на притисокот во домашни услови сé повеќе се користат дигиталните апарати со кои лесно се ракува. Врз основа на самоконтролата на притисокот лекарот може подобро да го следи ефектот на препишаната терапија и да направи промени ако се потребни за подобра регулација.
За правилно да се измери притисокот 5-10 минути пред мерењето треба мирно да се седи, за да може и пулсот да се смири. Пред мерењето 45 минути не треба да се внесува кофеин и никотин кои делуваат на промена на притисокот, иако тоа дејство не е долготрајно. Во текот на мерењето не треба да се зборува. Ако не сте сигурни во мерењето, треба да се повтори по десетина минути.
Манжетната се става на надлактицата, 2-3 цм над лакотниот зглоб и се пумпа со воздух. Раката се поставува на подлога во иста висина со срцето, со дланката свртена нагоре. Стетоскопот се поставува на внатрешната страна на лакотниот зглоб. Постепено се испушта воздухот од манжетната. Внимателно треба да се слушнат првиот (систола) и последниот (дијастола) тон (отчукување). Систолниот притисок е првиот што се мери и е повисок. Дијастолниот притисок е пониското читање. Крвниот притисок се мери во милиметри жива (ммХг). Несоодветна големина на манжетата кај особи со поголем обем на надлактицата може да влијае на мерењето.