Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
-зошто е штетно долготрајно користење капки во носот?
Сите кои користеле капки за нос за лечење на воспаленија на нос, уши или синуси, знаат дека не би требало да ги користат повеќе од седум дена. Доколку не се придржувате до ова правило може да станете зависни од овие препарати. Капките делуваат така што прават вазоконстрикција, т.е. ги стеснуваат крвните садови, со што се намалува отокот на лигавицата.
Неконтролирана и долготрајна употреба на капки во нос може да доведе до трајно оштетување на лигавицата. Кога пациентите кои прекумерно ги користат капките, прекинуваат да ги ставаат, повторно имаат чувство на затнат нос и тешкотии при дишењето. Затнатоста ги тера повторно да стават капки. Како одминува време ефектот од капките е се пократкотраен, слузницата се повеќе отекува, па мора се почесто да се ставаат. Пациентот влегува во круг на зависност.
Оваа состојба се вика медикаментозен ринитис.
Може да се јави во секоја возраст, подеднакво и кај жени и кај мажи. Медикаментозниот ринитис е многу честа патологија во секојдневната работа на оториноларинголозите. Иако капките за нос се најчестата причина, не се единствен „виновник” кој може да предизвика вакво воспаление. Медикаментозен ринитис може да предизвикаат и антихипертензиви, хормони и нестероидни антиреуматици.
-како се лекува медикаментозниот ринитис?
Доколку долгорочно користите капки во нос треба да се посоветувате со вашиот матичен лекар, кој по потреба ќе ве упати кај оториноларинголог.
Лекувањето бара трпеливост и упорност, бидејќи кога пациентите престануваат со капки, отокот повторно се појавува што му го отежнува дишењето, па тие често се откажуваат од терапијата и повторно почнуваат со капки.
Терапијата се состои во постепено одвикнување од капките. Нивниот ефект се заменува со хипертонични раствори, често збогатени со пантенол. Тие делумно успеваат да го одзатнат носот. Се користат и локални антихистаминици како и локални (назални) кортикостероиди. Кај пооупорните случаи, кај кои стероидните спрејови не помагаат, може да се вклучат и орални кортикостероиди, чија доза постепено се намалува заедно со намалувањето на дозата капки.
Доколку ваквата терапија не постигне подобрување, треба да се размислува и за хируршки третман. Најчесто се изведува т.н.р. мукотомија, со што се намалува задебелената и отечена носна лигавица и се ослободуваат дишните патишта на носот.