Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Магнезиумот е клучен за одржување на стабилна ДНА и интегритет на геномот. Игра улога во репликацијата, поправката и стабилноста на ДНА, делува како кофактор за ензимите вовлечени во овие процеси. Кога магнезиумот е низок, овие ензими не делуваат оптимално што води до грешки во ДНА репликацијата и несоодветна поправка на ДНА.
Есенцијален е за здравјето на мозокот. Го модулира имунолошкиот одговор преку инхибиција на проинфламаторни гени, намалувајќи ја инфламацјата на мозокот и неуроналното оштетување.
Магнезиумот влијае на пластичноста на мозокот, фундаментален процес за учење, меморија и когнитивна флексибилност. Важен е за кодирање на нови информации, учење, складирање и повторно повикување во сеќавањето. Ги изострува когнитивните процеси.
Магнезиумот не е типично класифициран како антиоксиданс но игра улога во одбрана на телото против оксидативниот стрес. Ја успорува прогресијата на когнитивното опаѓање поврзано со возраста и неуродегенеративните болести.
Учествува во функцијата на митохондриите и метаболизмот на масни киселини. Помага да се одржи клеточното здравје и отпорноста на оксидативно ошетување.
Витален е за контрола на шеќерот во крвта, инсулинската сензитивност и продукцијата на клеточна енергија. Вовлечен е во функцијата на панкреатичните бета клетки кои продуцираат инсулин за регулација на глукозата во крвта. Кофактор е за ензими вовлечени во метаболизмот на глукозата и работата на инсулинот.
Недостатокот на магнезиум може да ја компромитира способноста на телото да одговори на промените на глукозата во крвта и да се јави Дијабетес тип 2. Инсулинска резистенција се јавува поради алтерација на активноста на инсулинските рецептори, а самата инсулинска резистенција води до зголемен губиток на магнезиум преку урината и уште повеќе се намалуваат залихите на магнезиум во телото. Овој круг тешко се прекинува.
Есенцијален е за создавање енергија во клетките.
Низок магнезиум со висок хомоцистеин го зголемува оштетувањето на ДНА кај здрави возрасни, забрзувајќи го клеточното стареење, предвременото страреење на ткивата и органите и зголемувајќи го ризикот од хронични дегенеративни процеси. Хомоцистеинот е аминокиселина која расте кога магнезиумот паѓа. Овој однос е штетен зашто висок хомоцистеин се поврзува со неуродегенеративни болести, кардиоваскуларни проблеми и комликации во бременост.
Магнезиумот поддржува адекватна мускулна и нервна функција и промовира силни коски. Има позитивна корелација со други нутриенти, како фолати и витамин Б12, ја поддржува целокупната функција на телото и отпорноста.
Ризик од недостаток на магнезиум има кај дијабетичари, особи кои регуларно консумираат алкохол, при недостаток на сон и зголемено ниво на стрес.
Вишокот на магнезиум внесен како суплемент се губи преку столицата.
Храна богата со магнезиум: јадки, бадеми, семки од тиква, семиња, авокадо, банана, зелен лиснат зеленчук, спанаќ, црно чоколадо, бел ориз, брокули, компир, млеко и домашен јогурт, сушени алги, прокељ.