Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Ларингитис е воспаление на гркланот поради прекумерна употреба на гласот, иритација или инфекција. Во гркланот се сместени гласните жици кои се отвораат и затвораат. Кога преку нив поминува воздухот од белите дробови, тие со своето треперење формираат звук.
Кога ќе се јави воспаление на гркланот, т.е ларингитс, гласните жици стануваат воспалени или иритирани, малку отекуваат, па кога воздухот поминува преку нив се прави дисторзија на звукот кој го произведуваат. Како резултат на тоа гласот звучи засипнато, а во некои случаи и потполно се губи.
Ларингитисот може да биде:
• краткотраен или акутен
• долготраен или хроничен
Во најголем дел од случаите ларингитисот е привремен и со лесен тек. Причини за акутен ларѕнгитис се: вирусни инфекции (настинки); вокални напрегања предизвикани со викање или поради прекумерна употреба на гласот; вируси (како морбили или паротитис); бактериски инфекции (како дифтерија) што е многу ретко.
Акутниот ларингитис е многу чест кај децата до 3-4 годишна возраст, поради честите вирусни инфекции на горните дишни патишта (6-8 годишно).
Ларингитис кој трае повеќе од еден месец може да се нарече хроничен. Овој тип на ларингитис е предизвикан од иританси.
Пушењето тутун е најчестата иританс и најчестата причина за хроничен ларингитис. Кај секој пушач кој подолг период користи тутун има промена на гласот што укажува на променета стрктура на гласните жици.
Останати иританси се хемиски испарувачки материи; дим и загаден воздух; алергени; гастроезофгеален рефлукс (враќање на киселина од желудникот во грлото); хронично воспаление на синусите; прекумерна употреба на алкохол; постојано префорсирање на гласот (се случува кај пеачи).
Поретки причини за ларингитис се: бактериски или габични инфекции, некои паразити, рак на гркланот, израстоци како полипи и пеачки нодули; парализа на гласните жици; повреди на вратот и гркланот;
Главен симптом на ларингитисот е засипнатоста. Гласот добива рапав звук, станува подлабок од обично, а со време може да дојде и до негово потполни губење. Останати симптоми се гребење и чешкање во грлото, болка во грлото, сувост во грлото и сува кашлица.
Дијагнозата се поставува со основен и специјалистички преглед. Специјалистичкиот преглед подразбира преглед од оториноларинголог.
Доколку се јави засипнатост и трае повеќе од три недели, а нема очигледна причина (настинка, иритираност, гласно зборување или викање) тогаш потребен е спицијалистички преглед и натамошна дијагностика. Упорна засипнатост може понекогаш да биде знак за некое посериозно заболување или состојба.
Акутниот ларингитис најчесто се смирува во рок од една недела. Скоро во сите случаи на акутен ларѕнгитис нема потреба од антибиотици, бидејќи најчесто се работи за вирусна инфекција. Може да се користат и домашни приправки како инхалирање водена пареа, чаеви (камилица), топли напитоци и штедење на гласот. Понекогаш, кога е потребно брзо смирување на симптомите (кај професионални пеачи, говорници) може, во краток рок, да се вклучат инхалации со кортикостероид.
Лечењето на хроничниот ларингитис подразбира одстранување на причината, како на пример пушењето; рефлуксот (киселината во желудникот); прекумерната употреба на алкохол.
Доколку се работи за патоанатомска промена на гласните жици и гркланот (тумор, полипи, нодули) потребна е хируршка интевенција.