Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Појавата на крв во спермата, во ејакулатот се нарекува хематорспермија и е застрачувачка глетка, но ретко се работи за сериозна болест, особено кај мажи под 40 годишна возраст.
Вообичаено е безболна и бенигна, изолиран симптом. Може да се јави во било која возраст после пубертет, најчесто на возраст 30-40 години.
Ејакулатот содржи сперматозоиди и течност која ја испушта простатата и други органи (тестиси, епидидим, вас деференс, семинални везикули). Таа течност минува низ повеќе канали на генитоуринарниот тракт. Ако во некој од каналите има инфекција или пукне крвна жила, крвта ќе се помеша со ејакулатот.
Крвта се јавува во облик на црвенкасти или кафени нишки во спермата. Може да е последица на пукање на малите вени во горниот дел на мочниот канал, уретрата (во тек на ерекција).
Кај околу 50% пациенти причината на хематоспермија не е сосема јасна. Кај мажи помлади од 40 год. најчеста причина е инфекција (уринарна или трнссексуално пренослива). Кај постари од 40 год. причина може да е и малигнитет.
Примарна хематоспермија – крв во спермата е единствен симптом, нема крв во урината. Пациентот нема уринарна иритација ниту инфекција.
Секундарна хематоспермија – причината се знае или се сомнева на неа (по биопсија на простата, уринарна инфекција или инфекција или канцер на простата).
Причини за хематоспермија сеː простатитис (акутен или хроничен), епидидимитис, уринарни инфекции, уретритис, брахитерапија (облик на радиотерапија), туберкулоза, малигна хипертензија, цироза на црн дроб, хематолошки болести (хемофилија, тромбоцитопенија), паразити. долготрајна сексуална апстиненција, биопсија на простата (има и крв во урина), повреда на тестис, вазектомија (“машка контрацепција”), траума на уретра (во врска со агресивни сексуални активности).
Други причиниː цисти/полипи на уровезика, уретра, простата, канцер на уровезика, рак на тестиси, рак на простата, трансексуално преносливи болести (гонореа (трипер), хламидија, генитален херпес), повреди на полните органи, тестиси или мала карлица (кај млади мажи), склоност кон крварење (хемофилија, лица што примаат антикоагуланти), тропски инфекции (шистозомијаза), испитувања/интервенции.
Хематоспермија со болна ејакулација и/или болка во перинеум може да е од хроничен простатитис или инфекција на семиналните везикули.
Асоцирани симптомиː крв во урина (хематурија), пецкање и болка во тек на мокрење, болна ејакулација, перинеална болка, потешко мокрење, исцедок од уретрата, треска, повреда.
Примарната хематоспермија вообичаено спонтано се повлекува, не е потребен третман.
Ако хематоспермијата се повторува неопходни се испитувањаː крвен притисок, преглед на гениталии, тестиси, исцедок од уретра, испитување на простата – ДРП (дигиторектален преглед), ПСА (простатичен специфичен антиген), ехосонографија, биопсија на простата, испитување на ејакулат и урина (микроскопски, микробиолошки), цистоскопија, испитување за транссексуално преносливи болести.
Постари мажи кои имаат и зголемен ризик за развој на тумор треба детално да се испитаат.