Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Цента
Коагулумите се насобироци на крв со конзистенција како гел кои се формираат во крвните садови (вени и артерии) кога крвта од течна состојба преминува во делумно цврста. Згрутчувањето е нормална функција зазапирање крварење при повреда или исекотина, го запушува повредениот крвен сад и крварењето се запира.
Некои коагулуми се опасни, се формираат без очигледна причина и не се раствараат природно. Може да се јават во нозете, во белите дробови, мозокот и состојбата да е животно загрозувачка.
Нормално, згрутчувањето на крвта започнува како одговор на повреда на крвен сад. Тромбоцити (крвни плочки) и фибрински влакна формираат тромбоцитен сосирок за да го затворат резот или дупката.
Кога се создава коагулум тамо каде што не треба се нарекува тромб. Тромбот може да остане на едно место (тромбоза) или да се движи, патува во други делови од телото (емболија, тромбемболија). Овие тромби се особено опасни. Има артериска и венска тромбоза.
Згрутчувањето на крвта станува почесто со возраста, особено по 65-тата година. Долг престој во болница, операции и трауми го зголемуваат ризикот.
Ризик фактори и состојби кои предизвикуваат создавање тромби и сериозни состојби се: антифосфолипиден синдром, атеросклероза/артериолосклероза, лекови (контрацептиви, хормонални лекови), корона вирус болест, длабока венска тромбоза, фамилијарна историја затромбоза, срцева аритмија, срцев удар, срцева слабост, полицитемиа вера, периферна артериска болест, бременост, продолжено седење или лежење, обезност, пушење, удар, операција, белодробна емболија.
Симптомите и третманот зависат од тоа каде е формиран тромбот. Секој тромб може да биде сериозен, опасен.
Коагулум кој се формира во големите вени на телото се нарекува длабока венска тромбоза (ДВТ). Во рака или нога се јавува болка, оток, црвенило и топлина.
Една од најитните состојби која може да биде фатална е кога тромбот патува до белите дробови и тамо заглавува, белодробна емболија. Се јавува градна болка, отежнато дишење, кашлица со крвав искашлок.
Артериските тромби во мозокот се викаат мозочни удари. Симптомите зависат од тоа кој дел од мозокот е зафатен: проблеми со вид, говор, движење, вкочанетост, грчеви, слабост.
Во срцето предизвикуваат срцев удар – градна болка и стегање, препотување, краток здив.
Коагулуми во крвните садови во стомакот, мезентеријална тромбоза – болка, гадење, повраќање.
Мерки на претпазливост
– избегнување на долго седење при патување со авион или автомобил – периодично шетање
– движење по операција или опоравување во легло
– внес на многу течности при патување – дехидрацијата допринесува за згрутчување на крвта
– промена на животниот стил – одржување здрава телесна тежина, здрава исхрана и добра хидрација, престанок на пушење, регуларна физичка активност, контрола на високиот крвен притисок и дијабетесот.
Третман
Лекови – антикоагуланси, разредувачи на крвта кои спречуваат згрутчување на крвта. Тромболитични лекови за растварање на веќе формирани тромби.
Компресивни чорапи
Хируршки третман
Стентови
Филтри за вена кава.