Трихолог д-р Елена Арсова
ПРАШАЊЕ ОД ПАЦИЕНТ: Веќе неколку месеци имам проблем со ноктот на палецот од стопалото. Имаше некое жолто обојување, ама не обрнав внимание. Потоа ноктот почна да се искривува, да се задебелува и да враснува што ми беше болно и непријатно. Го исеков малку ама после тоа се јави голема болка, со оток и црвенило. Со антибиотски креми и таблети антибиотици се смири, ама сега ми расте втор нокт кој изгледа неубаво, нечисто и повторно се јавува болка. Што би препорачале да направам ?
ОДГОВОР ОД ДОКТОР: Вашиот проблем е комплексен затоа што сте имале и знаци на габична и на бактериска инфекција. Првичните промени на ноктот, со деформирање веројатно со зголемување на закривеноста на ноктот се резултат на габична инфекција. Кај овие инфекции ноктите стануваат дебели, кршливи и се свиткуваат што често резултира со враснување. Враснувањето пак предизвикува бактериска инфекција на мекото ткиво околу ноктот, поради пробивањето на ноктот преку нормалната заштитна бариера на епидермисот. Со сечењето веројатно сте згрешиле и сте го влошиле примарниот проблем. Паронихијата која се јавила, пак обезбедила габичките брзо да прогредираат и да навлезат во подлабоките структури на ноктот.
Иако сте ја излечиле бактериската инфекција, проблемот сеуште постои затоа што не е излечена габичната инфекција.
Препорачуваме хемиско-механичка абразија со која ќе се исчисти и обликува ноктот. На тој начин ќе нема можност за повторно враснување. Потоа е неопходно лечење на габичната инфекција со третман со Питиум Олигандрум додека не израсне комплетно здрав нокт. Тоа лечење може да трае од 6-9 месеци за постигнување оптимални резултати.