Доцент д-р Синиша Стојаноски, Институт за Патолошка физиологија и Нуклеарна медицина
Која е функцијата на тироидната жлезда во нашето тело? Зошто е таа битна?
Тироидната жлезда, како и останатите ендокрини жлезди (жлезди со внатрешно лачење), има есенцијална улога во човековото тело. Нејзините хормони, тироксин и тријодтиронин, се одговорни за енергетскиот метаболизам и неговата регулација во човековото тело. Продукцијата на енергија на клеточно ниво, е во директна корелација со нивото и балансот на тироидните хормони.
Кои се најчестите промени на тироидна жлезда? Која е најчестата патологија?
Промените на тироидната жлезда можат да бидат структурни, функционални или и структурни и функционални истовремено. Во однос на структурните промени, најчесто станува збор за зголемени димензии на тироидната жлезда (струма или гушавост) или пак за присуство на нодуси (функционални или афункционални) во структурата на тироидните лобуси. Кога станува збор пак за функционалните промени, тироидната жлезда може да има зголемена функција (хипертироидизам) или намалена функција (хипотироидизам).
Дали мажите или жените имаат повеќе проблем со тироидна? Колку е голема преваленцата на триоидни заболувања кај популацијата?
Промените на тироидната жлезда се почесто застапени кај женската популација. Инциденцата и преваленцата на овие заболувања во Р. Македонија е висока.
Кои се симптомите на намалена, а кои на зголемена функција на тироидната жлезда?
Симптомите на намалена функција на тироидната жлезда се: замор, малаксалост, поспаност, забавеност во секојдневното функционирање и во когницијата, тврда столица, сува кожа, кршливи нокти, забавена срцева работа, покачена телесна тежина…. Од друга страна, симптомите на зголемена функција на тироидната жлезда се: слабеење при одличен апетит, срцебиење, неможност за поголем физички напор, тремор, препотување, влажна кожа, чести столици, во одредени случаи појава на егзофталмус-испакнување на очните булбуси…