Д-р Ели Андонова, сопственик на ПЗУ „Дорабела естетик“
Кариесот, како во минатото така и денес е една од главните причини за губење на забното ткиво. Повеќе од 40 посто од петгодишните деца веќе имаат кариeс, којшто има долготраен ефект на оралното здравје низ животот. Превентивата започнува во најмала возраст, со самото никнење на забите и треба да прерасне во здрава навика понатаму. Забот во усната празнина е во деликатна рамнотежа со околните ткива. На неговата површина постојано се одвива процес на создавање и разградување на забна супстанца. Овој комплексен динамичен систен на размена на јони се одвива помеѓу забната површина од една страна и плунката и денталниот плак од друга страна. Тие се во постојана размена на јони особено по внесување на храната и затоа овој баланс не треба да биде нарушен. Состојби кои го нарушуваат овој баланс се бројни:
* Обилно внесување на јаглехидрати
* Намален проток на плинка (самата плунка е природен чистач на забните површини)
* Неадекватна контола и чистење на денталниот плак (налепи на самиот заб)
* Неповолна анатомија на забите (збиени заби погодни за ретенција на плак)
* Генетика
Кај помладите главен причинител на криес е зголемен внесување на јаглехидрати (шеќери), слаба и неправилна хигиена, а кај повозрасните почесто проблем е комбинација од неконтролирање на наслагите на забите и намалено лачење на плунка.
Како што може да се заклучи од напишаното, кариесот воглавно е заболување кое е мултифакториелно условено, а најчесто е комбинација од повеќе фактори заедно. Тој е хроничен, бавно напредувачки процес кој врши разјадување на забната површина, деструкција на крај губење на забот. Кариозниот процес започнува како деминерализација на ткивото која изгледа како бела пребоеност на ткивото(бела дамка). Во овој стадиум кариесот е реверзибилен со добра хигиена и апликација на пасти со калциум и фосфати, може да се опорави забното ткиво. Ако не се третира продолжува со правење на рапавост на површината и појава на кавитет (дупче на забот). Оваа фаза е понапредна и бара третман од вашиот стоматолог. Најчесто ваквите кавитети се пломбираат. Ако се игнорира и продолжи понатаму, кариесот многу лесно стигнува до средишниот дел на забот каде се наоѓа нервот(пулпата) и тогаш забот бара третман на лекување на нервот кој е подолготраен. Ваквата состојба често е пропратена со болка и секогаш изискува подолготрајно третирање.
Затоа навремената детекција на кариесот и навремено лекување е од особена важност за поединецот и во време, но и финансиски. Редовните посети се од индивидуална важност и само на тој начин оралното здравје се оддржува во една оптимална состојба. Секоја борба со кариесот со неодење на забар, завршува со потешки, подолготрајни и поскапи процедури.