Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Камењата во бубрезите (бубрежни калкули, нефролитијаза) се цврсти наслаги од минерали и соли кои се формираат во бубрезите. Често се формираат кога урината станува концентрирана, дозволувајќи им на минералите да се кристализираат и да се залепат.
Камењата во бубрезите можат да бидат на кој било дел од уринарниот тракт – од бубрезите до мочниот меур. Може да бидат доста болни, но обично не предизвикуваат трајно оштетување на бубрезите ако се препознаат навреме. Обично не предизвикуваат симптоми додека не се поместат во бубрегот или не поминат во уретерот, цевка која го поврзува бубрегот и мочниот меур.
Камењата во бубрезите често немаат единствена причина, неколку фактори го зголемуваат ризикот.
Камењата во бубрезите се формираат кога урината содржи повеќе супстанции кои формираат кристали – калциум, оксалат и урична киселина. Во исто време, во урина може да и недостасуваат супстанции кои спречуваат лепење на кристалите, создавајќи идеална средина за формирање на камења во бубрезите.
Калциумските каменчиња се најчести, обично како калциум оксалат. Оксалатот се создава во црниот дроб или се обсорбира од храната, одредени овошја и зеленчуци, спанаќ, цвекло, мешунки, компир, соја продукти, урми, малини, бадеми, чоколадо, имаат висока содржина на оксалати.
Фактори од исхраната, високи дози на Д и Ц витамин, операција бајпас на цревата, некои метаболни нарушувања може да ја зголемат концентрацијата на калциум и оксалат во урината.
Калциум фосфат каменчиња се почести при метаболни состојби, бубрежна тубуларна ацидоза, може да се поврзани со злоупотреба на лекови против мигрена.
Струвитни камења се формираат како одговор на инфекција на уринарниот тракт, може брзо да растат, да станат прилично големи и да ја исполнат внатрешноста на бубрегот, понекогаш со мали или без симптоми.
Камења од урична киселина се создаваат кај особи кои губат доста течност поради хронична дијареа, малабсорпција, при високо протеинска исхрана, обезни, со метаболен синдром. Постои и генетски ризик за каменчиња од урична киселина.
Цистински камења се создаваат при цистинурија, наследно пореметување кога бубрезите излачуваат премногу одредена амино киселина.
Фактори кои го зголемуваат ризикот за развој на бубрежни каменчиња:
– семејна или лична историја за камен во бубрег
– дехидрација; особи кои живеат во топла и сува клима, работат на сонце и многу се потат
– исхрана богата со протеини, сол, шеќери; премногу сол во исхраната го зголемува количеството на калциум што треба бубрезите да го исфилтрираат и го зголемува ризикот
– дебелина, висок индекс на телесна маса (БМИ)
– болести и операции на системот за варење, воспалителни болести, хронична дијареа, бајпас хирургија, влијаат на апсорпцијата на калциум и други минерали во цревата
– медицински состојби, бубрежна тубуларна ацидоза, цистинурија, хиперпаратиоидизам, повторувачки уринарни инфекции
– додатоци на исхраната и лекови, високи дози на витамин Ц, злоупотреба на лаксативи и антациди, некои лекови за мигрена и депресија