Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Можеби и не знаете дека ги имате сé додека не го блокираат жолчниот канал предизвикувајќи болка. Камења во жолчното кесе се создаваат кога одредена супстанца од жолчката ја надминува нормалната концентрација, станува нерастворлива во жолчниот сок и се формираат кристали на кои се таложи слуз, бактерии и други состојки од жолчката.
Една причина е премногу холестерол во жолчката. Нормално жолчката содржи доволно хемикалии да го разложат холестеролот екскретиран од црниот дроб. Но ако се екскретира повеќе холестерол отколку што може да се разложи, вишокот холестерол формира кристали и каменчиња.
Причина може да е и вишок билирубин кој се продуцира кога се распаѓаат црвените крвни зрнца. Во одредени состојби црниот дроб создава многу билирубин (црнодробна цироза, инфекции на жолчните патишта, болести на крвта) кој придонесува за создавање жолчни каменчиња.
При некомплетно празнење на жолчното кесе жолчката станува многу концентрирана и се создаваат кристали. Жолчните каменчиња може да се мали како зрно песок или поголеми колку зрно леќа, грав. Некои луѓе развиваат само едно каменче, други имаат повеќе во исто време.
Постојат неколку видови камења во жолчното кесе: холестеролски (најчести) – жолти/жолто-зелени, билирубински – темно пребоени (билирубин, калциум) и мешани (холестерол, билирубин, калциум…). Пигментните каменчиња почести се при одредени медицински состојби, црнодробна цироза, крвни болести (sickle cell анемија).
Пациентите често имаат и други болестиː пептичен улкус, гастроезофагеална релуксна болест (ГЕРБ), лактозна интолеранција, целијакија, функционална диспепсија, синдром на иритабилно црево, панкреатитис или канцер.
Ризик фактори за појава на камења во жолчното кесе се: возраст (над 40год.), женски пол, наследност, гојазност, дијабетес, бременост, отежнето истекување на жолчката од жолчното кесе, хемолитички синдроми, заболувања на црниот дроб, воспалителни болести или отстранување на дел од тенкото црево, брз губиток на тежина, исхрана богата со масти и сиромашна со влакна, седентарен начин на живот, трауматски шок, опекотини, болести на крвта, лекарства.
Половина до две третини од пациентите се без симптоми. Движењето на каменчињата доведува до затнување на каналот од кој истекува жолчката во жолчниот вод, предизвикува воспаление на жолчното кесе и појава на типична болка под десен ребрен лак која се шири кон грбот и десното рамо, придружена со гадење или повраќање.
Болките можат да се јавуваат секојдневно во вид на напади, најчесто испровоцирани од некој пообилен масен оброк или алкохол. Болката може да е и тапа, подолготрајна и да наликува на желудочна или бубрежна болка. Болката може да трае од неколку минути до неколку часа.
Поретко може да има покачена телесна температура и треска, отежнато варење на храната, подуеност на стомакот, пожолтување на кожата и лигавиците.
Доколку болката интензивно трае подолго од 20 мин. и ако е пропратена со покачена температура, повраќање или пожолтување, постои сомнение за холециститис или холангитис пациентот треба да се јави на лекар.
При асимптоматско калкулозно жолчно кесе компликациите се ретки.
Компликации кои треба да се лекуваат што е можно побргу сеː акутен холециститис, акутен холангитис, опструктивен иктерус, акутен панкреатитис, илеус од жолчна калкулоза, крцином на жолчно кесе (ретка состојба, настанува од долготрајно хронично воспаление).