Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Во карличната шуплина се наоѓаат примарно репродуктивните органи, мочниот меур, слепото црево, дел од дебелото црево и ректумот. Кај жени – матката, јајниците, јацеводите и вагината. Кај мажи – простатата и семиналните канали. Има и големи крвни садови, артерии, вени, нерви, лимфни јазли, лигаменти, мускули.
Болката, постојана или интермитентна, остра и во една точка или тиштечка и дифузна, е под папокот. Во исто време може да постојат неколку причини за пелвична болка. Силна и долготрајна, хронична болка повеќе од 6 месеци, влијае на секојдневниот живот, работата, спиењето, физичата и сексуалната активност.
Најчести причини за болка сеː
Воспаление на слепо црево – силна болка во долен десен дел на стомакот, повраќање, треска. Инфекцијата може да се прошири во стомачната шуплина, да се јави перитонитис што бара итен третман.
Синдром на иритабилно црево – болки во стомак, грчеви, гасови, запек и дијареа кои наизменично се сменуваат.
Канцер на колон – запек, дијареа, крв во столицата.
Инфламаторни болести на цревата – Улцерозен колитис и Кронова болест.
Дивертикулитис
Менструални грчеви – кога матката се стега за да ја исфрли лигавицата која се создава и ако не се забремени истата се распаѓа, се лупи; траат еден до три дена.
Болна овулација – грчеви помеѓу менструациите, исчезнуват сами од себе.
Ектопична бременост – кога ембрионот се имплантира и расте надвор од матката, најчесто во јајцеводите. Остра болка, грчеви, вагинално крварење, гадење, вртоглавица. Ургентна состојба.
Оваријални цисти – не се опасни, поминуваат сами од себе; притисок, болка, отеченост, гасови. Ако цистата пукне се јавува остра болка.
Ендометриоза – ткиво слично на ткивото на матката расте надвор од матката, на овариуми, јајцеводи, бешика, цревни вијуги. Во време на менструација тоа ткиво се распаѓа но нема од каде да излезе од телото. Ова предизвикува болка и создавање на ожилно ткиво.
Фиброиди на матката – растат во зидот на матката, не се канцерогени; притисок, болка, болен секс, болни менструации.
Сексуално преносливи болести – хламидија и гонореја, често одат заедно; болка при мокрење, вагинално крварење, крв во сперма, вагинален исцедок, исцедок од уретра кај мажи.
Простатитис – акутен или хроничен, болка меѓу скротум и анус, болка при мокрење и/или ејакулација.
Инфекција на уринарен тракт – често и болно мокрење, чувство на недозмокреност, тежина.
Каменчиња во бубрезите – кога ќе тргнат да излегуваат од бубрегот се јавува болка.
Интерстицијален циститис – постојана нелагодност, болно и често мокрење, болка при секс.
Вулводинија – хронична болка или дискомфорт на вулвата при возење велосипед или при секс; жарење, боцкање околу отворот на вагината. Не е предизвикана од инфекција. Спонтано поминува.
Пролапс на пелвичните органи – кај повозрасните бешиката или матката може да се спуштат и испаднат. Притисок, чувство на полност, нелагодност.
Синдром на карлична конгестија – проширени вени кои се отечени и болни. Симптомите се влошуваат при подолго стоење или седење.
Ожилно ткиво – прираслиците, адхезиите се ожилното ткиво кое се формира внатре во телото меѓу органите после операции или инфекции.
Ингвинална хернија – мекото ткиво, дел од мембраната на стомакот пробива преку отвор поради слаби абдоминални мускули.