Д–р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Се смета дека скоро половина од лицата над 65 години имаат некаков проблем со спиењето. Спиењето е важно за физичкото и емоционалното здравје, за подобра концентрација и меморија, одржување здрав имунолошки систем.
Со стареењето може да се јават промени во навиките за спиење, потешко или порано заспивање, будење во текот на ноќта, порано будење, помалку длабок сон, потреба за дремка неколку пати во текот на денот. Тоа води да постарите се будат уморни и се уморни преку ден.
Со стареењето во телото се создава помалку хормон за раст, се намалува времето на длабоко спиење (бавни бранови), се создава помалку мелатонин што води до фрагментирано спиење и почесто будење во текот на ноќта. Многу луѓе се жалат на “лесно спиење.” Порано легнување навечер, наутро порано станување, неколку дремки преку ден. Овие промени се земаат за нормални и не се сметаат за проблем со спиењето.
На спиењето влијаат многу работиː
Болка – болка во грбот, артритис,
Здравствени проблеми – гастроезофагеален рефлукс, дијабетес, астма и други болести поврзани со возраста и стареењето, операции, хируршки зафати.
Срцеви болести – срцева слабост, ангина пекторис, ариитмии.
Невролошки болести – овие болести може да предизвикаат проблеми со електричните сигнали од мозокот и нервниот систем, агитираност, немир, несакани дввижења, Паркинсон-ова болест, Алцхајмер.
Ментални пореметувања – со возраста може да се појави депресија, биполарно растројство, анксиозност, други промени на расположението кои влијаат на спиењето.
Слип апнеа – повеќе пати во тек на ноќта може да дојде до будење.
Ноќно мокрење – поради болест, срцева слабост, дијабетес, инфекција на уринарниот тракт, зголемена простата.
Синдром на немирни нозе – кај скоро 20% од лицата над 80 години, различни сензации во нозете , како иглички, мравки, немир.
Лекови – за висок крвен притисок, за срвеи болести, болести на тироидна жлезда, Паркинсон, деконгестиви (псуедоефедрин).
Менопауза – бранови на топлина во тек на ноќта, препотување.
Недостаток на активност, физичка или социјална.
Недостаток на сончева светлина.
Дремка преку ден – со возраста се јавува потреба од дремка повеќе пати во текот на денот што може да го поремети ноќното заспивање и спиење.
Се препорачува да се избегнува алкохол (иако се чини дека приспива всушност влијае на фазите на спиење и води до потреба за станување за мокрење), кофеин (кафе, чај, чоколадо, газирани и енергетски пијалоци), обилни, тешки и мрсни вечери, внес на поголемо количество течности пред легнување.